Оставка поднесе и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, кадар на Социјалистичката партија коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ

|

Директорот на скопското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ Ангеле Сотировски денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата бидејќи, како што соопштуваат од Социјалистичката партија на Македонија, не е задоволен од соработката со градоначалничката Данела Арсовска. Сотировски е кадар на Социјалистичката партија, која е коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека во изминатиот период, Сотировски со неговата стручност, морален интегритет и посветеност во исполнувањето на предвидените програмски активности овозможија стабилизирање и развој на ова јавно претпријатие.

– Меѓутоа, за сметка на декларативната независност, неприфатлив е нејзиниот неразумен и одмазнички однос кон кадрите предложени од политичките партии кои застанаа зад нејзината кандидатура и промоција и кои несебично учествуваа во изборната кампања. Со тоа сметаме дека таа, со потценувачкиот однос, не само што ги предаде политичките партии од Коалицијата „Обнова на Македонија“ и пошироко кои искрено и цврсто застанаа зад неа, туку ја изневери довербата и очекувањата на граѓаните на Скопје кои го дадоа својот глас за неа и за Програмата „Модерно Скопје“, посочуваат од партијата во објава на нивната фејсбук страница.

-Имав чест во изминатите нешто повеќе од девет месеци да бидам на чело на Јавното претпријатие Паркови и зеленило. Претпријатието го затекнав со големи обврски спрема добавувачите. Ваквите обврски претставуваа сериозен терет за тековното работење на претпријатието. На мене како В.Д.Директор,но и на мојот тим, во изминатиот период предизвик ни претставуваа две работи: надминување на тешката финансиска состојба во која го затекнавме претпријатието и подигнување на нови зелени површини. Бор бата со тешката финансиска состојба не беше нималку лесна, но како тим забележавме одредени резултати за кои граѓаните имаат право да бидат информирани, вели тој во својата објава.

Претходните денови оставки дадоа и директорите на „Градски паркинг“ – Скопје, Бојан Христовски, ЈП „Дрисла“, Јане Мицевски, на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов, на ЈСП Турс, Филип Василевски и на Јавното претпријатие за благосостојба на животни скитници Лајка – Скопје, Воислав Димитровски, откако беше разрешен в.д. директорот ЈП „Водовод и канализација“-Скопје, Златко Перински.

Сотировски вели дека со добро менаџирање успеале да ги намалат трошоците на претпријатието.

-Особено сум горд на фактот што во изминатите месеци интензивно работевме на подигнување на нови зелени површини на повеќе места низ Градот. Ценам дека новиот политички амбиент во Град Скопје нема да ми дозволи максимално да се фокусирам на најважното, а тоа е успешно менаџирање на претпријатието. Токму поради тоа, се повлекувам од должноста В.Д.Директор. Зад себе оставам и добиени налози за работа од кои очекувам дека на Претпријатието ќе му гарантираат сигурни приливи на средства, порача Сотировски.