Ова дете е цар: Нема една нога, но одлично игра фудбал

ИЗВОРСкопје24
|

Каунг Хант Линn од Мјанмар има 16 години, навива за Манчестер Јунајтед, бог му е Лео Меси и најмногу од сè сака да игра фудбал.

Сепак, тоа што го прави посебен е што Лин наместо десна нога има атрофиран израсток кој речиси и да не се гледа од шорцевите. Таков е уште од раѓање, но тоа не го спречува, па Лин игра фудбал со патерица.

-Кога играм фудбал заборавам на моите нозе и играм како нормална личност, вели за AFP прославувајќи го тукушто постигнатиот гол.

Да, Лин е одличен фудбалер, неверојатен дриблер потпирајќи се на патерицата и одличен шутер со левата нога. Се сеќава кога првпат шутнал топка, кога имал пет години и се потпирал на дрвена патерица направена од вујко му.

И самиот се смета за вешт фудбалер. Признава дека има слабости, но меѓу нив не е таа што вие би ја очекувале. Најголемата слабост, вели, му е висината , многу е низок и не може добро да брани слободни удари.

Што се однесува до ногата, исто како да ја има.

„Никој не може да ме помине“, вели Лин.

Толку е добар, што на еден локален турнир по повод Денот на независноста, каде локалните заедници се натпреваруваат во тимски спортови, бил прогласен за играч на турнирот, постигнувајќи два гола за победа на неговиот тим.

Како што вели еден негов соиграч, порано биле многу загрижени кога Лин ќе стапнел на теренот, пред сè стравувајќи дека може да ја повреди единствената здрава нога. И татко му признава дека тешко му е да го гледа додека игра.

„Не сакам да видам со мои очи ако се повреди, нема да можам да поднесам. Само сакам да оди на факултет и да стекне образование“.

Но сите се согласуваат во едно – никој никогаш не успеал да го спречи Лин да игра. Неговите соиграчи и другари раскажуваат дека уште од мали играле фудбал по цели денови, заборавајќи дури и да јадат.

„Често нè стемнуваше, па тогаш татко му доаѓаше и го караше“, раскажуваат.

И додека Лин напорно работи и во училиште со цел да стане механички инженер, искрено сонува дека на крајот ќе стане фудбалски тренер.

Во меѓувреме продолжува по стапките на Меси.

„Тој е левак, и јас сум левак. Вежбам слободни удари исто како него“, вели Лин.