Одлична идеа за денешниот ручек. Италијанската кујна загарантирано секого ќе го воодушеви, а ние во продолжение ви нудиме рецепт со кој ќе го постигнете тоа.
Богат фил од мелено месо и домати, топли листови тестенини за лазањи, бешамел сос и кога сето тоа ќе се запече,на вас ви останува само да седнете удобно на столчето и да уживате во вкусот на убавата Италија.
Потребно е:
– 500 гр мешано мелено месо, 2 главици кромид, ситно исечкани
– 2 моркови, исечкани на коцки, 1 страк целер, исечкан на коцки
– 2 чешниња лук, ситно исечкани, 400 мл пелати, 2 лажици паста од домати, 1 чаша црвено вино
– 1 пакетче тестенини за лазањи
– зачини по едно лажиче: сув босилек, суво оригано, сув магдонос, сува жалфија, сув рузмарин, сол
– бешамел сос (подолу е објаснето како да се подготви)
– 60 гр пармезан
Подготовка:
Во тенџере ставете малку масло да се загрее. На загреаното масло ставете ги главиците ситно исечкан кромид, морковите и целерот да се пржат. Кога ќе омекнат, ставете го лукчето да се пропржи и да пушти арома. Ставете го виното да го деглазира дното на тенџерето и оставете да испари алкохолот. Потоа, ставете ги меленото месо и зачините. Убаво измешајте и ставете ги пелатите заедно со доматите.Ако се цели смачкајте ги со раце. Покријте со капак и оставете да се вари на тивко околу 45 минути.
Направете го бешамелот. Во тенџерче за сос ставете 200 грама путер да се растопи. На растопениот путер ставете 60 грама брашно и мешајте додека да се направи паста. Зачинете со едно лажиче мелено морско оревче, тргнете од рингла, ставете 1 литар ладно млеко, малку по малку, мешајте со жица за матење и вратете на рингла. Мешајте со жицата додека да се згусне сосот. На крај, зачинете со сол и бибер. Во бешамелот ставете 200 гр рендан пармезан. Почнете да ги редите лазањите: на тавче за печење ставете од сосот од месо, ставете еден ред тесто за лазањи (не треба да ги варите претходно), ред болоњезе, ред тесто за лазањи, ред бешамел сос. Повторувајте така додека да ги потрошите сите состојки.На крај треба да завршите со бешамел сос на кој ќе ставите малку болоњезе сос и ќе ги измешајте на врвот.
Попрскајте со пармезан и ставете да се пече во рерна загреана на 220 целзиусови степени, околу 35 до 45 минути, во зависност од вашата рерна. Печете додека да краевите почнат да се одвојуваат и да создаваат меури.