Скопскиот полицаец Бранимир Китановиќ ја доби овогодинената Награда за најдобар полицаец за 2018, која традиционално ја доделува Град Скопје.
– Вработен сум во Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје, работам во Министерството за внатрешни работи веќе 23 години. Оваа награда од Град Скопје е плод на напорна, тешка и обемна работа. Изминатата година се соочивме со многу настани, многу случки и тешки задачи на кои одговоривме се надевам успешно, секако со помош на началникот на Одделението. Упатувам најголема благодарност до сите мои колеги од Одделението без кои не би можел ова да го постигнам. Апелирам да се подигне свеста и културата во врска со возењето и паркирањето за да се подигне нивото на безбедност за сите нас. – изјави Китановиќ.
Досега има дарувано крв 102 пати – Најдобриот крводарител во Скопје е Тони Ставревски.
– Во крводарителството се брои колку пати сте дарувале крв според бројот на годините. Јас имам 49 години и досега имам дарувано крв 102 пати. За да се биде крводарител потребно е многу малку, треба само да си здрав, да имаш атом добрина во душата и да го засукаш ракавот, а другото ќе го направат медицинските лица од Заводот за трансфузиологија. Денот по крводарувањето се чувствуваш исполнето, ние одделуваме дел од нас за да помогнеме на некој што не го познаваме. Затоа, на моите сограѓани сакам да им порачам да не се плашат и слободно да даруваат крв. – стои во изјавата на Ставревски.
Елвис Далипи е најдобриот пожарникар за 2018 година
– Јас и мојот тим годинава имавме голем број интервенции, повеќе од 50. Гасневме пожари на отворен простор, во куќи и станови, а имавме и голем број технички интервенции. Мојот татко беше пожарникар и јас уште како дете доаѓав да ја посетам противпожарната станица. Ги гледав луѓето со колкава амбиција тргнуваат во акција кога имаше потреба од интервенции. Тоа ме привлече и јас да станам пожарникар и да ја продолжам традицијата во моето семејство. Работам од 2009 година, вели тој. – изјави Далипи.