Нусрет Гокче, веројатно е името кое никогаш не сте го слушнале во животот, но затоа добро знаете кој е Salt Bae. Турскиот готвач кој станал ѕвезда на интернет поради едно видео во кое многу изразувачки става сол во парчето месо и оттогаш работата навистина сериозно му тргнала.
Денес тој е сопственик на ланец ресторани, а светските ѕвезди, вклучувајќи ги и Дејвид Бекам, Роџер Федерер, Брус Вилис и многу други, “се борат“ за да резервираат да јадат кај него и да се фотографираат со него.
Гокче е роден во сиромашно, курдско семејство во Турција, а поради лошата финансиска ситуација веќе во шесто одделение морал да го напушти училиштето и да се вработи во месара.\
Својот прв ресторан го отворил во 2010-та година во Истанбул, а пред тоа патувал во Аргентина и САД три години и воглавно работел волонтерски по рестораните затоа што сакал да научи што повеќе за гастрономијата, готвењето и водењето на ресторан.
Денес, Нусрет има ресторани во Дубаи, Њујорк, Лондон, Мајами, Миконос, Абу Даби и други градови.
Иако, практично преку ноќ станал славен, гастро критичарите не се воодушевени од неговата храна која ја нарекуваат неимпресивна и препечена. Критикуван е и поради тоа што се фотографирал покрај фотографијата на Фидел Кастро како и поради тоа што се дружел со венецуелскиот претседател Николас Мадурo кој го посетувал неговиот ресторан.
Неодамна се нашол и во посериозен проблем, кога четири келнери го тужеле поради тоа што им дал отказ. Келнерите го обвиниле популарниот готвач дека е диктатор.