Остануваат уште неколку емисии до крајот на финалето на „Ѕвездите на Гранд“ и завршувањето на сезоната 2018/2019 година.
Оваа година во финалната емисија ќе има неколку македонски кандидати меѓу кои Огнен Здравкоски, Мартинијан Кириловски, Филип Пецовски и Дарко Даринос.
Тие заедно со своите ментори се подготвуваат за секој круг, а на 20 јуни ќе се борат да го освојат првото место.
Дарко Даринос кој е под менторство на Ѓорѓе Давид оваа година остави силен впечаток во шоуто и влезе меѓу финалистите.
Деновиве се снимаат полуфиналните емисии во кои се најде и овој натпреварувач, а за убавите вести и влезот во финалето се пофали на својот Фејсбук профил.
Освен што си обезбеди пласман во финале, Дарко се пофали и со соработка со Гранд ТВ.
Имено, Даринос потпишал 9 годишен договор со продукцијата која во следните девет години ќе му обезбеди бесплатно рекламирање и гостување на „Гранд телевизија“.
„Се надевам на работа во Гранд во вистинска смисла, наоѓање на настапи и само работа. Тоа е нешто што го сакав цел живот, да делам емоции со публиката,така се надевам дека ќе биде така. Како и да е, „Гранд“ е предобар почеток поготово со новиот концепт“ изјави Дарко за порталот вистина.мк
Даринос во финалето ќе настапи под реден број 3, па останува да го следаме финалето и да го видиме крајниот резултат, а секако можноста за победа не е исклучена.
За потсетување, пред неколку години токму во „Ѕвездите на Гранд“ победи Ристе Ристески, а победници имавме и во „Никогаш не е доцна“ и „Неки нови клинци“.