Пациентите со цистична фиброза оставени на цедило, го нема лекот „креон 25.000“

|

Веќе неколку месеци, пациентите со цистична фиброза се оставени без лекот „креон 25.000“, кој помага полесно да се апсорбира храната во телото. МИА веќе пишуваше за овој проблем со кој се соочуваат лицата со оваа ретка болест, а од Министерството за здравство ни беше кажано дека од понеделник (7 август) ќе го има лекот во аптеките.

Согласно информацијата од дистрибутерот на лекот „креон 25.000“, во тек е дистрибуцијата во аптеките и веќе од понеделник ќе биде достапен за сите пациенти. Станува збор за лек од биолошко потекло, кој е во ограничено производство на светско ниво и оттука се појави краткотраен дефицит со увозот на овој лек, кој е веќе надминат, се наведуваше во писмениот одговор од Министерството за здравство минатиот петок.

Но, веќе четврти ден, пациенти велат дека лекот сѐ уште го нема низ аптеките. Од дистрибутерот на овој лек ни беше кажано дека стигнат е лекот и е испорачан во веледрогерии, но, не знаат во кои аптеки испорачуваат тие, а „директно во аптеки не испорачуваме“. МИА и денеска се вклучи во „потрагата“ по овој лек, а во аптеките каде се јавивме и таму каде што лично отидовме во главниот град и се распрашавме, ни беше кажано дека го нема и не се знае кога ќе пристигне.

Согласно добиени последни информации од производителот – дистрибуцијата на „креон 25.000“ е сѐ уште во тек. Лекот не го држи секоја аптека, се доставува на барање на аптеката, во зависност од потребите за лекот. Увезените количини се ограничени, како и во други земји од регионот заради недостиг на активната компонента. Во периодов, во промет континуирано е достапен и „креон 10.000“, рекоа денеска од Министерството за здравство за МИА.

Дека има недостиг од овој лек, потврди и пациентката со цистична фиброза, Ивана Атанасоска.

Пациенти од Тетово, Куманово, Охрид, Прилеп и од Штип велат дека го нема лекот „креон 25.000“, за МИА изјави Атанасоска.

Бидејќи нема „креон 25.000“, односно лек наменет за возрасни, тие се принудени да земаат од лекот наменет за деца, „креон 10.000“.

Панкреасните ензими неколку месеци ги нема или на месечно ниво пациентите наоѓаат само по една до три кутии, а во зависност од внесувањето на храна, лица земаат до седум кутии во еден месец, вели Атанасоска.

Претседателот на Асоцијацијата за цистична фиброза, Фики Гаспар во изјава за МИА вели дека смета оти не е соодветно да има застој во набавка на лекарства неопходни за кој било пациент.

Не смее да има застој. Сметам дека одговорните лица кои ги набавуваат, треба со време да планираат кога треба да дојде до нова залиха, кога ќе се потроши веќе набавената, подвлече Гаспар, апелирајќи за соодветна дистрибуција на лекарства, без дефицит.

Пациентите со цистична фиброза велат дека со примањето на „трикафта“, лек што исто така им е потребен, се враќа здивот, полесно се дише, доколку не се земе „креон“, храната не се апсорбира во телото.

Ставаш нешто во уста, џвакаш, но, не чувствуваш како да јадеш. Но, тоа не е најголемиот проблем. Имаш болки во стомакот, грчеви, а храната си останува несварена и тоа носи еден куп други проблеми, вели пациент со цистична фиброза, кога го прашавме што ќе се случи, доколку не се земе „креон“ пред оброк.

Неможноста да се дојде до „креон 25.000“ претставува само еден од низата проблеми со кои се соочуваат лицата со оваа ретка болест.