Dj Shorty P ака Панчо го знаеме сите по успешната музичка кариера како дел од дуото ДНК, но и како еден од најдобрите македонски диџеи во моментов, токму затоа тој е нашиот Скопски лик на денот. Искрен и отворен како и секогаш зборуваше со екипата на Скопје24 за својата лична и по малку скриена страна, за Скопје – градот кој, како што вели го обожава, за оваа малку подзаспана состојба на музичката сцена, како еден од малкуте кој сеуште опстојува на неа, за забавата и вербата во Бога.
1. Што за тебе претставува Скопје и која е твојата прва помисла за него?
– Скопје за мене претставува место со посебна енергија, душа и приказна. Првата помисла за Скопје ми е радост и љубов.
2. Како би се опишал во неколку зборови и која сметаш дека е најдобрата одлука која си ја донесол во животот?
– Би се опишал како едноставен, скромен, забавен и дружељувиб, а најдобрата одлука што сум ја донел е прифаќањето на Бог во мојот живот.
3. Која е населбата во која си израснал и по што го паметиш своето детството?
– Роден сум во Скопје, до една година сум живеел со мајка ми во Карпош 3, а веќе 37 години живеам во Аеродром. Јас сум локал патриот и горд на мојата населба. Детството го паметам по другарувањето во маало и фунскионирањето како фамилија со 30 луѓе. Безценето искуство. Сите бевме еднакви…
4. Што ќе беше, доколку не се занимаваше со музика?
– Пропалица, наркоман, алкохоличар… Музиката ми го смени животот и сум бескрајно благодарен на Бога околу тоа.
5. Знаат ли Скопјани добро да се забавуват на твоите забави или сметаш дека сепак кај нас подобро поминува турбофолкот?
– Па да, има места каде што се забавуваат одлично, но секако турбофолкот е веќе присутен долго време тука и не се криви изведувачите и гостите од страна. Побарувачката налага. Прост пример: Ако во салон за коли купувачите бараат од еден модел повеќе испорачки, газдите тоа ќе им го овозможат 🙂 Јасен сум така?
6. Со кого од македонската сцена најдобро се согласуваш и дружиш во слободно време?
– Мислам дека тоа и не е така битно, со кого јас се дружам. Ќе ви смени ли нешто тоа вам или на моите фанови? Тие што ме следат на мојот личен инстаграм профил (djshortypofficial) и Фејсбук знаат. 🙂
7. Моментално македонската музичка сцена е во мирување, што мислиш дека треба да се направи и придонесе за таа повторно да оживее?
– Едно време кога јавно го искажував своето мислење бев секогаш осудуван. Кој сум па јас да мислам што треба да се промени. Тоа што јас мислам го применуваме со ДНК. Многу едноставно е нека гледат, а не да мрчат, хејтаат и се жалат дека ништо нечини. 🙂
8. Како го искористиваш своето слободно време и кое е твоето омилено место во Скопје?
– Водно ми е омилено место во последниве две-три години и патеката која води накај манасторот Пантелејмон. Љубител сум на спортот и сум доста активен, па често сакам да сум горе низ падините на Водно. Често слободното време го користам и за играње со моите деца, но и црпење на енергија во манастирот Пантелејмон и Марков манастир.
9. Кога и што ново можеме да очекуваме од ДНК?
– До крајот на ноември излегува ДВД изданието на нашиот концерт по повод 15 годишнината од постоењето на ДНК, кој се одржа во преполната Метрополис арена на 12 мај годинава на наше огромно задоволство, па почетокот на декември вадиме нов сингл кој ќе се вика „Плачам“.
(Наталија Јосифоска)