Штипјанката Јована Коцева, 13-годишна ученичка во основното училиште „Димитар Влахов“, е авторка на цртежот што папата Фрањо го избрал за да го изложи во Ватикан, во неговата работна канцеларија.
„Пред неговата посета, во ОУ ‘Димитар Влахов‘ учениците добиле задача да нацртаат нешто за папата и Јована го нацртала неговиот лик, а во позадина и ликот на Исус. Бев воодушевен кога дознав дека папата Фрањо најавил оти цртежот на Јована ќе биде ставен во неговата канцеларија во Ватикан“, вели дедото Јордан Коцев.
„На сите ликовни колонии или училишни натпревари цртежите на Јована добиваа највисоки оценки и признанија. За последното признание дознавме деновиве, еден месец по посетата на папата Фрањо на Македонија. Од бројните цртежи и уметнички дела што му биле презентирани, тој го одбрал токму цртежот на нашата Јована“, вели бабата Зорка.
Јована има голема желба наесен да го продолжи школувањето во некое од престижните средни ликовни училишта во Венеција или Милано. За оваа нејзина определба има голема поддршка од семејството, најмногу од нејзините баба и дедо, кои се спремни и финансиски да ја помогнат.
Некако во исто време, цртеж на Јована бил одбран да биде поставен и во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје. Професорката Лидија Василева вели дека неодамна била информирана оти цртежот на Јована веќе бил поставен на еден од ѕидовите во Центарот. Јована има добиено признанија и сертификати и на повеќе ликовни колонии и натпревари. Дека се работи за голем талент тврди и познатата штипска уметница Иванка Јанева.
„Имав прилика да ги видам делата на Јована и малку со неа да работам. Веднаш увидов дека во Јована се крие посебно ликовно совршенство. Таа има своја скриена надареност и визуелност. Во секој цртеж внесува нешто што само таа го гледа“, вели Јанева.
Самата Јована не сака многу да зборува за себеси. В раце постојано држи четкица, а покрај неа се палетата и платната.
Сакав мојата соба дома да ми биде истовремено и ателје. Се потрудив собата да биде мурален мозаик. Цртав директно на ѕидот, одбирајќи ги темите кои мене нешто ми значат. Цртањето ме исполнува и уживам во тоа. Цртежот со папата го правев речиси цела ноќ“, вели Јована и додава дека се надева оти нејзините планови и соништа ќе се исполнат.
Извор: sdk.mk