ПАРАГЛАЈДЕРИСТ ПАДНА ВРЗ НАШАТА КОЛА НА ПЛАЖА, А СИТЕ ГЛЕДАА СЕИР И НЕ ПОМАГАА, ВЕЛИ ИСТОРИЧАРКАТА НА УМЕТНОСТ СОЊА АБАЏИЕВА ЗА ИНЦИДЕНТОТ ВО ЉУБАНИШТА

ИЗВОРСкопје24
|

Параглајдерист падна врз колата на историчарката на уметност Соња Абаџиева при слетување во село Љубаништа, охридско. Инцидентот се случи завчера попладнето, а како што соопшти полицијата, 57-годишниот параглајдерист од САД со итна помош е пренесен во болницата „Св. Еразмо“.

Абаџиева, која со сопругот радиологот д-р Ванчо Димитров се на летување во Љубаништа, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека параглајдеристот паднал на нивната кола при што се здробила шофершајбната, дел од покривот и вратата.

„Колата беше паркирана до плажата во Љубаништа, пред апартманот каде сме сместени. Американецот параглајдерист не беше многу вешт во приземјувањето и падна врз шофершајбната на нашата кола. Кога слушнав силен тресок, излегов да видам што се случило, а тој лежеше неподвижен до нашата кола. Го викнав Ванчо како доктор да провери какви повреди има, му меревме притисок, викнавме брза помош и полиција, а околу сеирџии од цела плажа и околните апартмани. А сите со скрстени раце, само да се гледа, да не се мрдне со прст, како да се тие повредените. Ги прашав полицајците дали е дозволено слетување на толку тесен простор до плажа. Ми одговорија дека ниту е забрането, ниту не е!“, вели Абаџиева.

Абаџиева е една од најреномираните историчари на уметност во земјава, поранешна директорка на Музејот на современа уметност (МСУ). Таа е ќерка на писателот Ѓорѓи Абџиев, авторот на романот „Пустина“ и сценаристот на „Мис Стон“. Д-р Димитров беше првиот лекар од Клиничкиот центар кој го згрижи претседателот Киро Глигоров по атентатот на 5 октомври 1995. Обајцата се пензионери и живеат во Скопје и во Маврово.

Извор: СДК.мк