Марија Шерифовиќ вчеравечер славеше за победната на Џејла Рамовиќ како нејзина кандидатка, но беше присутна и за да ги поддржи и останатите учесници кои беа под нејзино менторство.
За новинарите кои беа присутни таму, Марија открива дека се уште не знае дали ќе биде дел од жирито во наредната 14-та сезона од „Ѕвездите на Гранд“.
Шерифовиќ насмеана позираше пред собраните медиуми, па порача:
-Ќе видиме, се ова одзема многу време. Треба да разговарам со Сале, дури тогаш ќе знам. Парите не се проблем, никогаш не биле, така ќе биде и сега – кажа Марија за прашањето кое веќе неколку месеци се провлекува во јавноста и медиумите.
Сепак, каква ќе биде одлуката, останува да почекаме и видиме наесен кога ќе започне новата сезона за која веќе неделава започнуваат аудициите.
Инаку, младата и талентирана Џејла чиј ментор беше Марија Шерифовиќ, водеше и според гласовите на жирито, односно во случајот гласовите на околу 60-тина пејачи од регионот кои преку телефонско вклучување го дадоа својот глас.
За Џејла ова е втора победа во шоу од ваков каракрер, бидејќи претходно победи и во „Некои нови клинци“.
Победата на Џејла беше очекувана, па дури и жирито воопшто да не гласаше за неа, таа сепак ќе ја однесеше победата според смс пораките на публиката кои беа нешто повеќе од 101 илјада, што ни приближно не беше случај за ниеден од финалистите.
Откако сите 16 финалисти испеаја по две песни, од кои едната беше истата која ја пееја во полуфинале, следеше гласањето на голем број пејачи од регионот меѓу кои: Миле, Китиќ, Неда Украден, Жељко Самарџиќ, Лепа Брена, Жељко Јоксимовиќ, Маја Оџаклиевска, Милица Тодоровиќ и многу други кои по евровизискиот принцип на гласање најмногу 12-ки и дадоа на сега веќе победничката Џејла Рамовиќ.
Македонија имаше четворица свои учесници на оваа возбудлива вечер. На сцената настапија: Огнен Здравковски, Дарко Коцевски, Мартинијан Кириловски и Филип Пецовски.
Иако според телефонските гласови на пејачите кои гласаа, меѓу повисоките позиции беа Мартинијан и Огнен, според смс гласовите пак, убедливо најмногу од Македонците освои скопјанецот Филип Пецовски.
Крајниот резултат од вкупните поени, највисоко од нашите кандидати го пласираше Мартинијан Кириловски, потоа Огнен Здравсковки, следен на табелата беше Дарко Коцевски, а последен Филип Пецовски.
Во ревијалниот дел на шоуто на сцената својата нова песна ја отпеа Александра Пријовиќ, додека на крајот статуетката на победничката Џејла и ја предаде менторката Марија Шерифовиќ.
Инаку, победничката на оваа 13-та сезона освои автомобил, песна, договор со „Гранд“ продукција како и една специјална награда – настап на фестивалот „Улаз“ во Белград кој ќе се одржи од 11-13 јули, открива Саша Поповиќ за српските медиуми.