„Малку на улица, малку на тротоар. Вака ќе изгледа новото зонско паркирање на улицата 120 во Тетово, кое треба да профункционира од 1 октомври. Еден час паркирање ќе чини 30 денари“, вели репортерот на ТВ21.
Овој паркинг ќе биде под Зона Б, а од општина Тетово велат дека има проект и дека е изготвен согласно европските стандарди.
„Зонското паркирање на улицата 120а предвидува 30 паркинг места и за истиот Секторот за јавни дејности изготви сообраќаен проект согласно сите стандарди во кој се опфатени и дозволите од надлежните органи“, велат од Општина Тетово.
Прашавме и во Секторот за внатрешни работи – Тетово, кој треба да издаде дозвола за паркирање. Од таму велат дека СВР има дадено согласност, но додаваат дека ќе биде одобрена дури откако комисијата ќе утврди дека сѐ е направено согласно законските критериуми.
„Во јуни годинава, Секторот за внатрешни работи Тетово, по барање на општина Тетово и по доставувањето на потребната документација, даде согласност за проектирање на паркинг простор на одредени места на улицата „120“ во Тетово . Но, доколку се утврди дека предвидените паркинг-места не се во согласност со предвидените законски правила и критериуми и основниот сообраќаен проект, против реализаторот и изведувачот ќе се изготви соодветен поднесок“, додаваат од СВР Тетово.
Но, што мислат тетовци? Тв21 праша неколку граѓани – дали овој простор треба да се претвори во паркинг, како и за тоа што мислат за начинот на кој се спроведува.
„Ова го нема никаде“. „Од општината велат дека е согласно европските стандарди“. „Ние не сме во Европа, никаде не сме ние“. „Според мене не е во ред, бидејќи тука нема место за паркирање“, се дел од одговорите на граѓаните.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, на почетокот на годинава вети дека за секое возило во Тетово ќе обезбеди паркинг место. Но, откако го доби мандатот, и покрај тоа што вети бесплатен паркинг, истиот го поскапи за 10 денари. Рокот за изградба на паркинг местата е до крајот на годинава, вклучувајќи ги и катните гаражи, но досега не е реализирана ниту една.
Извор: ТВ21