Педагог наместо наставник ги пречека првачињата во битолско училиште

|

Дел од првоодделенците во ОУ „Климент Охридски“ во Битолa, денеска немаа учителка да ги пречека на првиот училишен ден, затоа што на некои наставници вчера им истекоа договорите за вработување. Директорот Предраг Созовски, за Телма ја потврди информацијата и рече дека првачињата ги пречека училишниот педагог.

ИМАМЕ НАСТАВНИЦИ НА КОИ ИМ ЗАВРШИ ДОГОВОРОТ ВЧЕРА НА 31АВГУСТ, НО ПОСРЕДУВАЊЕТО ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ЌЕ СЕ СПРОВЕДЕ ОД ПОНЕДЕЛНИК, КАКО ШТО Е ЗАКОНСКИ. ДЕНЕСКА УЧЕНИЦИТЕ ГИ ПРЕЧЕКА ПЕДАГОГОТ, ИЗЈАВИ ПРЕДРАГ СОЗОВСКИ, ДИРЕКТОР НА ОУ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ – БИТОЛА.

Од СДСМ пак обвинија дека ваква е состојбата и во други училишта во Битола, затоа што општина Битола не обезбеди навреме наставен кадар, не само за првачињата, туку и во одделенска и предметна настава, поради што учениците на почеток на учебната година ќе губат часови.

ОКОЛУ 50 НАСТАВНИЦИ ОСТАНАА БЕЗ РАБОТА, ОТКАКО ИМ ЗАВРШИЈА ДОГОВОРИТЕ. ОПШТИНАТА И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ НАМЕСТО ДА ИМ ГИ ТРАНСФОРМИРААТ РАБОТНИТЕ ОДНОСИ СПОРЕД ЗАКОНОТ, ПОВЕЌЕ ОД ДВЕ ГОДИНИ ЈА ОДОЛГОВЛЕКУВААТ ПОСТАПКАТА, РЕЧЕ ВЕСНА БАКОВСКА ОД СДСМ.

Градоначалникот Тони Коњановски, кој денеска на првиот ден од учебната година посети неколку училишта, категорично ги отфрли овие обвинувања и рече дека никој наставник нема да остане без работа.

НЕ Е ТАКА, ВОСПИТНО ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС СИ ТЕЧЕ ВО КОНТИНУИТЕТ, СЕ Е ПОДГОТВЕНО ЗА ПОЧЕТОКОТ. ТРАНСФОРМАЦИЈАТА СИ СЕ ОДВИВА КАКО ШТО ТРЕБА, НЕМА НАСТАВНИЦИ ДА ОСТАНАТ БЕЗ РАБОТА И ТОА Е ИНТЕНЦИЈА, НИТУ ЕДЕН ДА НЕ ОСТАНЕ БЕЗ РАБОТА, РЕЧЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТОНИ КОЊАНОВСКИ.

Оваа година во сите основни училишта во Битола ќе се запишат 799 првачиња, што е за 150 помалку деца од запишаните 950 во матичните книги на родените, кои оваа година требаше да тргнат во прво одделение. Бројката е слична како и минатата година, а големото отстапување е поради се помасовното исселување на младите.

Емилија Мисирлиевска