Пендаровски до ЕУ: Дајте ни шанса и дозволете нѝ да покажеме дека сме подготвени

|

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска очекува одлука од Европската Унијија, а не сигнал. Тој во интервју за австрискиот весник „Die Presse“, вели дека во изминатата година и пол земјата испорачала се што требаше.

По негативното произнесување на Франција, на прашањето дали ќе добиеме сигнал од ЕУ за отворање на претпристапни преговори, Пендаровски вели: „Не се надеваме на сигнал, туку очекуваме одлука. Во изминатите година и пол испорачавме сè што требаше. Дури го сменивме и нашето име по историскиот договор со Грција. Ниту една земја-кандидат го нема направено ова порано. Штом ЕУ вели дека процесот на зачленување се заснова на резултати, тогаш не очекувамени повеќе ни помалку од она што сме го постигнале. Мојата порака е: Дајте ни шанса и дозволете ни да покажеме дека сме подготвени.

Блокадата на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија беше дека двете земји треба да направат повеќе во борбата против корупцијата и криминалот.

„Ние го основавме Специјалното јавно обвинителство, кое покрена обвиненија против поранешниот премиер Никола Груевски, кој во меѓувреме побегна во Унгарија, како и против други важни личности. Ние ја ставивме борбата против корупцијата како наш приоритет. Еден од клучните аргументи на Франција беше дека тие сакаат продлабочување на Унијата пред проширување. Но, двата процеси може да течат паралелно. Ние нема веднаш да станеме полноправна членка на ЕУ“, оценува претседателот.

А на прашањето дали е разочаран, Пендаровски вели дека особено имало разочарување во јуни, кога ЕУ уште еднаш се извини и порача дека се уште не се подготвени.

„Моите главни теми во кампањата за претседателските избори беа зачленување во ЕУ и во НАТО како главни стратешки цели. Ние очекуваме да станеме членка на НАТО во идните месеци. Но, доколку се пролонгираат преговорите за зачленување во ЕУ тогаш Унијата ќе изгуби многу од својот кредибилитет. Ентузијазмот за ЕУ во нашата земја ќе падне значително. Луѓето прашуваа, зошто треба да го смениме името на земјата? Ние им рековме за да можеме да станеме дел од ЕУ. Ние исполнивме сè. Сега народот нè прашува – зошто има повторно одложување?“, истакна Пендаровски.

Тој вели дека македонските власти се согласни претпристапните преговори да почнат во пакет заедно со Албанија.

„Еден од принциипите на ЕУ зависи од напредокот – ако државата испорача тоа што треба тогаш вие сте внатре. Во исто време, голем дел од нашиот регион е поврзан – почнувајќи од безбедносни па сè до политички и економски прашања. Северна Македонија граничи со Србија и со Косово – двеземји чиј конфликт продолжува да има влијание на целиот регион. Се разбира, што се однесува на регионалниот аспект, јас би сакал Албанија исто така да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Регионот не може да просперира доколку сите земји немаат цел пред себе. Сите треба да се дел од процесот на евроинтеграции. Босна и Херцеговина исто така, која, за жал, долго време беше запоставена од Брисел“, вели Пендаровкси.

Рече дека не сака да коментира индивидуални изјави на политичари во врска со настаните во Сирија, по заканата на турскиот претседател дека ќе ги отвори границите за 3,6 милиони бегалци доколку ЕУ ги критикува неговите воени дејствија во северна Сирија.

Според него секогаш има можност бегалци да сакаат од Грција да тргнат по рутата преку Македонија со цел да стигнат во северните земји-членки на ЕУ. Досега, како што рече, не е забележано значително зголемување на бројот на луѓе. Во секој случај, вели Пендаровски, ситуацијата не може ни да се спореди со онаа во 2015 и 2016 година, кога еден милион луѓе поминаа низ нашата територија.