Многу е важно следниот претседател на Северна Македонија да ги добие гласовите на Албанците затоа што нашата држава е мултиетничка и мултирелигиозна, затоа рамнотежата и односите меѓу двата народи и двете религии е клуч за нејзината стабилност, вели консензуалниот кандидат за претседател на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, во интервју за хрватски „Jutarnji list“.
За последните претседателски избори, на кои беше поразен од Ѓорге Иванов, Пендаровски тврди дека де факто го победил Иванов, но дека тогашниот режим на Никола Груевски со притисок врз гласачите го променил исходот на изборите.
Пендаровски ги коментира и преговорите меѓу Србија и Косово, како и идејата за размена на територии.
-Јас сум еден од ретките политичари од Западен Балкан, кој јавно зборува против таа идеја, која е најлошо нешто што сум слушнал последните десетина години. Во случај Србија и Косово навистина да разменат територии, Северна Македонија и БиХ ќе бидат колатерална жртва. Ние во 2001 година потпишавме договор за мир со Албанците, а претходно за време на преговорите во Охрид беше одбиен предлог за територијално разграничување внатре во Македонија. Тоа беше возможно само затоа што за време на распадот на Југославија и создавањето на новите држави се почитувало правилото некогашните граници да останат државни граници. Ако сега наместо тој принцип се воведе принцип на етничка дистрибуција на народот, тогаш Албанците од Северна Македонија, а многу веројано и Србите во БиХ ќе побараат корекција на границите во тие држави – вели Пендаровски.
Последнава недела тој беше интересен за јавноста и поради имотниот лист кој го приложи.
Актуелниот национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО Стево Пендаровски кој ќе се обиде да ја добие довербата на граѓаните и да седне во фотелјата шеф на државата во имотниот лист на свое име пријавил моторно возило Југо темпо кое се проценува на 1000 евра и е старо 20 години.
На име на брачен другар Пендаровски, со кој СДСМ и ДУИ ќе трчаат на избори против ВМРО ДПМНЕ и Силјановска пријавил Рено Меган во вредност од 360 000 денари.
На свое име Пендаровски има и девизна штедна книшка на која има над 12 илјади евра којја ја пријавил како стекнато наследство а на девизната сметка на брачен другар има 3000 евра. Во имотниот лист на Пендаровски нема недвижен имот.
Пендаровски дипломирал во 1987 година на Факултетот за правни и политички науки, при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, а магистрирал и дикторирал на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје.
Тој е роден на 3 април 1963, во Скопје, Македонија и е македонски политичар, професор и аналитичар. Тој е е доцент по меѓународна безбедност, надворешна политика и глобализација, на Факултетот за политички науки на Универзитетот Американ Колеџ Скопје и ова му е втора кандидатура за Претседател на Република Македонија по изборите во 2014 година, кога изгуби од актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов.