Пензиите ќе бидат зголемени, но не за 6.8, туку за 5.3%. Исплатата започнува во понеделник. Најмногу ќе добијат корисниците на највисока пензија, околу 3.700 денари плус. Пензионерите, пак, со најниски пензии ќе добијат само 700 денари.
Од Министерството за труд и социјала велат:
„Согласно методологијата и податоците од Државниот завод за статистика, пензијата за месец септември ќе биде зголемена за 5.3%. Ова е второ усогласување за оваа година, во месец март беше зголемена за 8.4% и заедно со 5.3% во септември, изнесува вкупно 13.7%“.
Пензионерите се разочарани. Велат дека се излажани и прашуваат што работи работната група кога не им е прифатено ниту едно барање: ниту линеарно покачување од 3.500 денари за сите, ниту минимална пензија од 18 илјади денари. Најавија масовни протести.
„Тоа е катастрофа. Ветено ни беше, и самата министерка зборуваше дека ќе оди со 6, па 6 кома нешто, ќе биде повеќе од 6, па излезе 5,3. Тоа е 1,5% разлика, тоа е голема разлика. 5,3 подобро нека си ги повлечат и да речат дека нема зголемување“ – Верче Јанческа, иницијативен одбор на пензионери Прилеп.
Според Јанческа, ваквото зголемување на пензиите уште повеќе ќе го зголеми јазот меѓу пензионерите и нема да го пополни домашниот буџет.
„Животните трошоци се многу поголеми. Тие ги кренаа на 40% и сега не залажуваат со 10% намалување. Со 1 или 2 денари на лебот што се намалува? Тоа ли е намалување? Тоа ли е социјална мерка? Што е тоа?“ – Верче Јанческа, иницијативен одбор на пензионери Прилеп
Во земјава живеат околу 330 илјади пензионери. Најголемиот дел од нив, над 97 илјади месецот го туркаат со пензии до 13 илјади денари.