За православните христијански верници кои се водат според Јулијанскиот календар почна Петровденскиот пост во чест на светите апостоли Петар и Павле и му претходи на празникот Петровден, кој секогаш се одбележува на 12 јули. Должината на Петровденскиот пост зависи од празникот Велигден.
Телесниот пост подразбира воздржување од храна од животинско потекло, што значи од трпезата се тргаат месото, млечните производи и јајцата.
Во среда и петок јадењата се на вода, односно се подготвуваат без масло.
Понеделник, вторник и четврток се со масло, а во сабота и недела дозволено е јадење риба.
Петровден – обичаи и верувања
По примањето на Светиот Дух апостолите се растуриле по светот за да ја проповедаат светата Христова вера. На тој план меѓу нив најповеќе се истакнале светите апостоли Петар и Павле. На иконата светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт.
Според некои народни верувања Петар и Павле се иста личност, според други, пак, тие биле браќа. Во народното верување Петар бил богат и сербес (кабадахија), а Павле сиромав и праведлив. Меѓутоа, како што е познато Петар не бил брат на Павле туку на Андреј, наречен Првоповикан затоа што бил првиот Христов ученик.
Светиот апостол Петар е роден во селото (според други мало гратче) Витсаида на брегот на Галилејското езеро. Потекнувал од рибарско семејство и еднаш кога ловеле риби на езерото ги видел Исус и ги повикал по што Петар заедно со брат му Андреј го напуштиле рибарскиот занает и му се придружиле. Така од ловци на риби станале ловци на човечки души. Првото име му било Симон, а кога Исуса го признал за син Божји, овој го нарекол Петар, што значи камен (карпа). Со тоа Исус сакал да каже дека својата црква ќе ја изгради врз верата на Петар што била цврста како камен.
Како верен Христов ученик Петар бил со својот учител во многу прилики во кои не биле другите апостоли како на пр. при преобразувањето (Преображение), при воскреснувањето на Јаировата ќерка и сл. Петар предложил да биде избран нов апостол на местото на Јуда кој по предавството се обесил. Со коцна бил избран Матеј и со тоа бројот на Христовите апостоли пак станал дванаесет. Исто така, по слегувањето на Светиот Дух врз апостолите кога овие се исполниле со него и започнале да зборуваат на разни јазици, а народот помислил дека се пијани, Петар одржал впечатлива беседа кажувајќи дека тие не се пијани туку дека се исполнети со Светиот Дух. По оваа беседа Петар ги повикал присутните да ја примат Христовата вера и само во тој ден се крстиле околу 3000 луѓе.
Затоа што бил силен поборник и пропагатор на Христовата вера Петар бил трн во очите на еврејските свештеници, кои чекале погодна прилика да му се одмаздат. Еднаш на стари денови Петар дошол во Рим. Тогаш таму владеел Нерон, голем безбожник и тиранин, противник на христијанството, а христијаните ги фрлал во арените со лавови. Тој и апостол Петар го осудил на смрт, но кога сакале да го погубат со распнување Петар ги замолил да не го прават тоа зашто не е достоен да умре како својот учител Исус Христос, туку да го распнат со главата надолу. Егзекуторите така и направиле и на 12 јули (или 29 јуни според стариот календар) во 61 год., светиот апостол Петар во големи страдања го завршил животот. Во близината на Рим, истиот ден исечен од противниците на Христијанството е и светиот апостол Павле. Затоа светата Христијанска црква споменот на овие двајца апостоли го празнува во ист ден.
Кој бил апостолот Павле? Тој не бил меѓу оние познати 12 Христови апостоли. Во почетокот бил противник на христовата вера и прогонувач на христијаните, за подоцна да стане најсилен пропагатор на ова учење. Роден е во гратчето Тарс, во областа Каликија во Мала Азија. Првобитното јудејско име Савле (што значи измолен) сам го променил во Павле (од римски павлус – мал, малечок). Родителите го дале на училиште и набрзо уште мал станал образован човек. Се занимавал со ќилимарство и од тоа живеел. Кога се појавило христијанското учење бил на страната на еврејските свештеници кои се бореле против оваа вера. Кога дошло до првиот судир во кој загинале многу Христијани и Савле бил на страната на еврејските свештеници, ги фаќал Христијаните и му ги предавал на судот. Учествувал и во каменувањето на св. Стефан Првомаченик, по што му ја зел облеката.
Но еднаш кога патувал за градот Дамаск за и тамо да се бори против Христијаните му се случило нешто што од корен го изменило неговиот живот. Одеднаш блеснала силна светлина и тој веднаш ослепел и паднал на земјата. Од светлината слушнал глас: „Савле, Савле, зошто ме прогонуваш?” „Кој си ти?” – прашал исплашениот Савле. „Јас сум Исус кој ти го прогонуваш!” – одговорил гласот. „Господе, што да правам?” – запрашал Савле. „Стани и оди во Дамаск. Тамо ќе ти кажам што да правиш!“
Савле станал но ништо не гледал. Придружбата го одвела во Дамаск каде што останал три дена. На третиот ден дошол еден побожен човек кој му рекол дека е испратен од Исус да му каже дека е време да прогледа и да се исполни со Светиот Дух. Во тој момент му се вратил видот, тој се крстил и од најжесток противник на Христјанството станал негов најголем афирматор. Откако брзо ја изучил христијанската наука почнал да проповеда по светот и познати се четирите негови патувања низ Мала Азија, Балканскиот и Апенинскиот Полуостров. Заслужен е за покрстувањето на многу луѓе. Пишувал и посланици кои и денес во црквата се користат како свети книги и во нив ги упатувал верниците како треба да живеат за да ја имаат божјата наклоност. И во народниот говор и денес се вели „Од Савле стана Павле”, за некоја личност што од голем противник станал приврзеник на одредена дејност.
Со својата активност апостол Павле предизвикувал омраза кај еврејските свештеници кои неколку пати го затворале и мачеле. Бил обвинуван дека народот го поттикнува на непослушност. Еднаш бил предаден на Римјаните и наклеветен по што главата му била пресечена со меч. Поради многуте заслуги светата христова црква го ставила во редот на апостолите. Неговиот празник се празнува заедно со празникот на св. Петар но и посебно, следниот ден на 13 јули (или 30 јуни според стариот календар).
Светиот апостол Павле особено е значаен за нас Македонците. Своето прво патување надвор од Азија тој го направил во Македонија. Тоа започнало во 51, а завршило во 54 година. При своите патувања апостолот Павле организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера.
Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука” што е дел од Светото писмо се истакнува дека кога светиот апостол Павле се наоѓал во Тријада една ноќ имал видение: “…стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: ‘Премини во Македонија и помогни ни!’ По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ не повикал таму да го проповедаме Евенгелието. (Дела 16-9,10) Како што стои во ова сведоштво една богобојазлива жена од градот Тиатир по име Лидија прва се покрстила заедно со своите домашни, а потоа ги поканила апостолот и неговите соработници во нејзиниот дом. „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!” им рекла таа. Потоа и многу други жители на овој град биле покрстени со што се родила првата христијанска општина во Европа. Ете затоа може да се рече дека Македонија е вратата низ која христијанството влегло во Европа. Во Македонија тоа ги совладувало првите тешкотии, се судрувало со старите пагански обичаи и верувања. Тука се добиени и првите битли во походот кон Европа и светот.
На иконата светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт. И двајцата држат отворени книги. На празникот му претходи Петровденскиот пост чија должина зависи од празникот Велигден. Имено, овој пост, еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината, започнува од првата недела по Духовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден така и Петровденскиот пост трае различно.
Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат. Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.
Интересни обичаи и верувања поврзани со Петровден се забележани во Куманово. Тој ден рано наутро уште пред сонце, оделе во бавчите и нивите, особено оние со бостан и од сите четири страни фрлале ситни камчиња. На тој начин според верувањето засновано на принципот на имитативната магија се влијае врз бостанот многу да врзува и брзо да расте. Исто така бостанот, но и другите култури се прскале со вода од извор за да растат силно како водата што извира. Во овие петровденски верувања интересно е и фрлањето измет од стоката врз бавчите и нивите со земјоделски култури. Изметот земен од местото каде што стоката пладнувала (меризувала), или од пазарот се верува ќе влијае врз родот да биде густ и обилен како што била стоката на тоа место. Во сиве овие верувања, како што може да се види присутна е имитативната магија верувањето дека сличното предизвикува слично.
Во Гевгелиско за јадење на овој ден правеле млечник за да бидат цела година благи како млекото, а во Скопска Црна Гора се верувало дека кој ќе се омрси во Петровденските пости ќе се скрастави. Во овој крај ако било сушно времето на овој ден носеле крсти (литии) и со песната „Крсти носам бога молам” се молеле за дожд.
Павловден жените го држат како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работи за од пајаци, да не го каснат некого при полските работи, жетва, врзување снопови, и сл. Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.
Според преданието што во Охрид го забележал Е. Спространов „Петре и Павле биле побратими. Сек’де заедно оделе, ама Павле бил болен. Петре си рекол: Ов’ј жоек ќе умрит, ја ај да му ископам гробот. Ко фатил да му копат, дошол Ристос и го опитал: Шо копаш бре Петре? -Ами Павле је болен рекол, та му го коп’м гробот. – Ја ај легни да видиме, али чинит за тебе! Петре легнал и не станал веќе. Ето затоа рекле: Не копај гроб за друѓего, за да не влезиш сам во него. Петре копаше гроб за Павлета, ама сам умре во него, а Павле си остана ушче да си живејт”.