Чуда се случувале отсекогаш. Но, чуда се случуваат само доколку постои чиста и вистинска верба во Бог. Ова е објаснувањето на теолозите на сомнежите кај луѓето, за кои некои појави се необјасниви и ги сметаат за мистерии.
– Бог е оној кој прави чуда. Тој во секое време испраќа знаци до својот народ, велат свештениците.
Најголемиото чудо во Христијанската црква, до ден денес е Воскресението христово. Два милениума подоцна, науката нема одговор за ова најголемо чудо, кое денес е темел на христиајнската вера. Но и животот на Исус, но и годините подоцна запишале многу, за науката и природата необјасниви појави. Сите тие во Црквата се дефинирани како чуда. Не се непозната карактеристика, но религијата нив секогаш ги толкува како порака.
Во црквите и манастирите на Македонската православна црква-ОА се случувале многу чуда, кои се поврзани со мироточење на икони, со нивно осветлување, како и со лекување на деца и возрасни.
Иконата на Пресвета Богородица мироточи
Верниците кои ја посетиле црквата во скопското село Трубарево вчера можеле да се уверат во веродостојноста на мироточението на иконата на „Пресвета Богородица“.
Еден од свештениците со памук ги допирал капките миро на иконата и им го давал на верниците да го носат дома за здравје. Тоа е последното чудо кое што беше потврдено од страна на МПЦ. Мироточење од икони имало и во минатото, но честопати за тоа во јавноста не се разговарало во јавноста во овој обем.
Сепак тоа не е непознато и за МПЦ и за останатите православни цркви.
Чисти фрески во црквата „Свети Димитириј“
Пред четири години се случи спектакуларно чистење на фреските во црквата „Свети Димитрија“ во Скопје. На нив со години се таложел чадот од свеќите и од кандилата. Но, постепено самите од себе осветлиле. На нив преовладуваат златната и црвената боја. На некои делови од фреските црвената боја е толку јака што личи како светците да крвават. Свештениците велат дека некои од иконите се стари 100 години, а некои се направени по земјотресот во 1963 година. Според историски податоци, црквата „Свети Димитрија“ постоела уште во средниот век. Во 1690 година била напуштена, а од 1886 до 1896 година била обновена, проширена и преосветена.
Во некои периоди црквата била катедрална и во неа била сместена и скопската митрополија. Во дворот на црквата се наоѓа гробот на првиот поглавар на МПЦ-ОА, г.г. Доситеј, а пред неговиот надворешен источен ѕид е гробот на г.г. Ангелариј.
Лековитото масло од гробот на Гаврил Лесновски
Чудо се случило кога малата Лора од Кочани повторно проодела по молитвата и помазување со маслото од гробот на епископот Гаврил Светогорец. Нејзините родители биле изнемоштени од нападите и болките кои ги имала нивната ќерка. Дошле во манастирот барајќи ја последната надеж.
Гробот на епископот Гаврил Светогорец се наоѓа зад плаштаницата во црквата. Тоа место сега е најбарано од посетителите. Веднаш до гробот на отец Гаврил се наоѓа и гробот на неговиот татко, отец Кирил, кој по смртта на мајката на Гаврил дошол во црквата и се замонашил заедно со синот. Отец Гаврил станал духовен отец на својот биолошки татко.
Иконата на свети Јован во Бигорскиот манастир
За иконата на свети Јован се говори дека лебдела над изворот со вода, каде што сега се наоѓаат трите чешми во Бигорскиот манастир. Овој манастир неколкупати бил оштетуван, но таа икона никогаш не била оштетувана.
Зрачејќи на влезот во храмот, во сребрен, сјаен оков и преукрасена со дарови од благодарност, поради многубројните чуда, иконата, како непресушен исвор, излева благодат која чудотвори.
Секој дар крие вистинита приказна зад себе. Бројните сребрени медалјони во облик на бебе сведочат дека Свети Јован израдувал многу бездетни родители, дарувајќи им деца.
Чудата на Свети Наум
Најпознато чудо, од многуте, кое и денес се раскажува меѓу народот, запишано и од страна на Кузман Шапкарев, е приказната за волот и мечката, настан овековечен на фреската во охридскиот манастир посветен на Свети Наум.
Една мечка се намерачила на волот на слугата што го орал вакавскиот (манастирски) имот и го изела. Човекот се пожалил на Свети Наум и овој за кратко време ја нашол мечката и за уште пократко, ја припитомол. Па, ја спрегнал за казна заедно со волот три години да ора.
Меѓу месното население и денес се прикажува дека ни брод, ниту автобус не тргнува ако во него има крадец. Тоа најчесто се обистинува на денот на Свети Наум, верскиот празник 2 јули кога во манастирот се врши служба, се собираат верници, луѓето за здравје преспиваат во црквата…
За овој манастир се врзани многу настани кои се дефинираат како чуда. Едно од нив е патот на семејството Јајчар од пред осумдесет и неколку лета господови. Еден настан, едено дете од тој трети Јули засекогаш ќе ја зацврсти вербата во православното македонско христијанство.
Потекнувале од Охрид, ама животните патишта ги преселиле на другата страна од границата, во албански Поградец. Иако биле во друга држава, не заборавиле на традицијата и празникот посветен на чудотворецот.
Сведоштвата за Наум Јајчар ги има во црковните книги за чудата на Св Наум Охридски. Наум Јајчар сам го раскажувал своето чудо.
Наум бил болен, но тоа не го спречило неговото семејство да замине во манастир. Со сите роднини и тој тргнал на панаѓур. Биле лоши времиња, границата тешко се минувала. Но семеството Јајчар успеало да статса до храмот на чудотворецот. До неговата пет годишна возраст друго било неговото име. Бил крстен како Михаил, ама тој ден се променило се па и неговото име. Го добил вели од светецот кој го вратил во живот. Наум Јајчар е чудото кое живее. Благодарен е за вториот живот, а вербата во бога и моќта на светците нема да ја заборави.