По 3 000 денари за секое прваче во оваа општина

|

Општина Македонска Каменица додели по 3 000 денари за семејствата кои имаат запишано прваче во деветолетката „Св.Кирил и Методиј“.

Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски кој на првачињата им го честиташе почетокот на учебната година изрази надеж дека ваквата пракса ќе продолжи и во иднина.

-На учениците им посакувам новата учебна година 2023/2024 да ја започнат со насмевка, обновена енергија и оптимизам. Оваа година од Буџетот на Општина Македонска Каменица, доделуваме по 3 000 денари за секое семејство кое има запишано прваче. Се надеваме дека тоа ќе продолжи и наредните години, рече Атанасовски.

Од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ на сите ученици вклучително и првачињата им посакаа, незаборавни школски денови и одличен успех кој ќе биде награда за посветеноста, упорноста и желбата за знаење.

-Драги наши првачиња, денес го направивте вашиот прв чекор во училиштето! Вие сте новите јунаци на денешницата, Вие сте нашите суперхерои во учебната 2023/2024 година. Нашата цел ќе биде да имате лесни чекори, отворени видици и умови спремни како сунѓери да ги впијат новите знаења. Имајте среќна и успешна учебна година, додадоа од ООУ „Св Кирил и Методиј“.

За почетокот на учебната година беше подготвена пригодна програма на која првачињата добија беџови со назнака за имињата и презимињата на секое едно прваче запишано во училиштето во учебната 2023/24 година.