По 55 години, македонските владици служеа заедничка литургија со српските архиереи, со што e призната каноничноста на македонската православна црква. Црковните поглавари на двете цркви велат дека со ова се потврдува единството меѓу двете цркви и еднинството на МПЦ со православниот свет.
Поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан ја предводеше црковната делегација во Белград која, заедно со српските владици служеа литургија на помирување во храмот Свети Сава во Белград.
Литургијата се одржа пред голем број верници, присутни како во внатрешноста на Храмот, така и пред него.
До присутните се обратија и српскиот патријарх Порфириј како и поглаварот на МПЦ-ОА, господин господин Стефан.
Во своите обраќања тие оценија дека станува збор за голем ден, како за двете цркви, така и за христијанството. Со одржувањето на литургијата се враќа нормалниот однос и нормалното општење меѓу двете цркви. Литургијата се одвиваше наизменично и на српски и на македонски јазик.
„Имавме раскол кој траеше 55 години, со нашите браќа од Македонија. Таа рана беше длабока и болеше. За неа размислувавме, со неа легнувавме и станувавме, во очекување и копнеж таа да се залекува. Но како што не постои ништо што ние луѓето не можеме сами на себе да го залекуваме, така и раната на телото на Христос, не може само со нашата сила и моќ да биде излекувана. Затоа и велам дека раната е излекувана а дека тоа чудо е чудо божје, тоа е дар од Бога, браќо и сестри.
Разбравме дека раната е направена со нашите постапки и затоа му се обративме на Бога, на Свети Сава и на останатите светци на нашата црква, да го направат тоа што ние не можеме.“ – порача Српскиот патријарх Порфириј.
Во Белград е Огнен Чанчаревиќ од Телма ТВ.