Скопје вчера го живееше еден од највозбудливите денови во последниве години. Му се сличија три огромни работи… РК Вардар со шампионската победа, и дајцата огромни легенди Стинг и Влатко Стефановски со историски концертен момент на иста сцена, кои буквално ја обогатија победничката атмосфера.
Првите честитки за успехот на Вардар ги добивме толку од овие две легенди, Стинг од зад сцената кој доби дрес со своето име и Влатко, кој како за загревање, со своето трио настапи точно во 20:30 часот, и истиот веднаш го започна со честитки. Нашиот виртуоз на гитара едночасовниот настап го започна еуфорично со незаборавните традиционални македонски песни „Јовано, Јованке“, „Македонско девојче“, „Си заљубив едно моме“, „Не си го продавај Кољо чифликот“. На репертоарот не изостанаа ниту култните „Као какао“, „Бистра вода“ „Исток- запад телепатски“, овојпат во ново руво специјално за публиката на стадион, како и евергринот „Сеир“.
Во 22 часот нестрпливата публика која веќе ја наполни арената „Тоше Проески“, на нозе го дочека „Англичанецот од Њујорк“, кој на спектакуларен начин го отвори концертот со хитот „Message in a bottle“, а публиката го поздрави со громогласен аплауз и овации кои траеа.
Како што и организаторите од Авалон предупредија, Скопјани плашејки се дождот да не им го расипре одличниот концерт, дојдоа подготвени со кабаници и чадори, но среќата беше на страната на фановите и не заврна ниту една капка дожд, па можеа слободно да уживаат во романтичниот концерт.
Стинг својата турнеја „My Songs“ ја почна пред само неколку недели, а овде обожавателите можеа да ги слушнат сите негови најголеми хитови во ново сентиментално руво, подготвени токму за неговиот последен албум. Се редеа безвременските „Fields of gold“, „Shape of my heart“, „Englishman in New York“, „Desert Rose“, „Can’t stand losing you“, „Brand new day“… Со легендарната „Fragile“ ги разнежни сите и го достигна врвот кога обожавателите буквално од сите страни се обидуваа да овековечат моментот, а со ритмичките „So lonely“ и „Demolition man“ ја размрда публиката. Својот настап го заврши со хитот кој можеби му ја одреди кариерата, уште во времето на „Police“, „Every breath you take“, но публиката желна за добра музика, не му дозволи да си оди па го врати на сцена на уште еден бис.
Алавон уште еднаш се покажа како одличен организатор без никакви пропусти и како продукција од светски калибар, што Скопјани беа почестени со дури втор концерт на легендата во рок од една година. Според нивните податоците освен домашната публика имаше и голем број на фанови од регионот и пошироко. Со оглед на тоа Стинг што позади себе има долгогодишна кариера во публиката можеа да се забележат и обожаватели кои го следеле од неговите почетоци, па се до најмладите.
Доколку можеме да зборуваме за впечатоците, според вчерашниот концерт, како за почеток на летниот период, веројатно не чека жешко и возбудливо лето на музички план, и ова со сигурност ќе биде концерт кој долго ќе се памети!
Наталија Јосифоска