Пред неколку дена градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов најави изградба на трамвај со Скопје во новата 2019 година, а со тоа ќе се затвори за сообраќај сторогиот центар на градот, односно на улицата Димитрие Чуповски – Рекорд, нема да се движат автомобили, туку само трамвајот и автобусите на градскиот превоз, пренесуваат од Сакам да кажам.мк
Според сообраќајниот проект и техничкото решение, се предвидува трасата да почнува од кружниот тек кај комплекстот Порта Влае, низ булеварот Партизански одреди преку Рекорд и Собранието, потоа да минува покрај зградата на Црвен крст кон Комплекс банки, Железничката станица, па преку булеварот Јане Сандански до крајната станица во Ново Лисиче каде сега е последната станица на автобуските линии 5 и 15.
„Според решението, се предвидува трамвајот да се движи низ средината на булеварот Партизански одреди. Низ Плоштадот и покрај кејот, поради градбите кои низ годините никнуваа не може да минува, па затоа ќе оди низ центарот на градот. Сегашната технологија овозможува до 2 километри од трасата да не биде приклучена на струја, што значи дека низ центарот може да не се поставува електрична мрежа“, вели градоначалникот Шилегов.
Според првичните проценки, изградбата би чинела од 130 до 150 милиони евра, а парите ќе се бараат од европски фондови или од буџетот на Владата. Шилегов вели дека од 130 до 150 милиони евра за изградба на шините, депото и набавка на возила не е прескапо, особено ако се има предвид дека за набавката на двокатните кинески автобуси биле потрошени 80 милиони евра и повторно имаме проблем со јавниот транспорт во Скопје.