По Родос, евакуација и на Крф – Грција моментно се бори со 82 пожара од кои 64 избувнаа ноќеска

|

Крф е вториот грчки остров на кој претпладнево е наредена евакуација на локално население и туристи поради кошмарните пожари кои веќе седми ден беснеат во Грција. Противпожарните екипи се борат со огнениот фронт кој од северот со жесток интензитет се движи кон југоисточниот дел на островот на кој досега се евакуирани 17 населени места. Со шест бродови на крајбрежната стража и девет приватни пловни објекти е спроведена акција за спасување на луѓе кои останаа заглавени на плажата Нисаки.

Над 260 пожарникари се борат со пожарите на југот и западот на Родос, каде во дел од островот утрово е прогласена вонредна состојба. Во деновите од викендот се евакуирани над 30.000 туристи во најголемата операција од таков тип во Грција. Имаше и такви кои пешачеа и по шест часа на пеколното сонце за да стигнат на безбедно место. Тие се префрлени од неколку села и хотели од кои најмалку три се уништени. Иако нема пријавени жртви, сепак, шест се хоспитализирани поради респираторни проблеми.

Во тек е истрага за причините за големиот пожар на Родос за кој постојат сомненија дека е подметнат. Според сателитските снимки на „Коперник“, веселенска програма на Европската Унија, засега е направен пустош на површина од 100 километри квадратни.

Пожарникарските екипи дејствуваат врз 82 пожари ширум Грција од кои само во неделата избија 64 нови. Освен на Крф и Родос, пожари има и на Агиос, Каристос и на многу други места. Во акциите на копно учествуваат и доброволци, од воздух се дејствува со осум авиони од кои пет грчки, два од Турција и еден од Хрватска, како и десет хеликоптери од кои два пристигнаа напомош од Египет. Грчките пожарникари добија копнена поддршка од колеги од Романија и Словачка кои од денеска активно делуваат на огнениот фронт.

Грција, како и секое лето, се соочува со пожари кои често знаат да бидат и смртоносни и знаат да опустошат десетици илјади хектари на шума и вегетација. Земјата ова лето минува низ еден од најдолгите топлотни бранови во последните неколку години. Во меѓувреме за спасувачките екипи стигнаа и лоши вести – прогноза за благ пораст на температурите денеска во Атина кои би требало да достигнат 37 степени и да се искачат до 42 степена на Пелопонез. Националната метеоролошка служба за утре најавува температури до 44 степени и ветрови и до 50 километри на час што дополнително ќе ја отежни работата на пожарникарите.