По трагичното заминување на Билјана Беличанец се огласи и премиерот Зоран Заев

ИЗВОРСкопје24
|

И премиерот Зоран Заев се огласи на Фејсбук по смртта на актерката и поранешна градоначалничка на општина Кисела Водa, Билјана Беличанец Алексиќ, чие безживотно тело беше пронајдено во нејзиниот стан.

-Скршени сме од веста што пристигна денеска за трагичното заминување на Билјана Беличанец. Јавноста е во тага и неверување што меѓу нас не е веќе една од најмаркантните театарски актерки која животот го посвети на публиката и на граѓаните. Не постојат зборови за утеха освен искреното и длабоко сочувство со болката. Нека е вечно сеќавањето на Билјана, напиша Заев.

Колегите со емотивни пораки се простуваат преку социјалните мрежи. Весна Петрушевска напиша: „Многу тажно, најболните збогувања се оние кои се недокажани и никогаш необјасниви. Мирно небо драга моја Бибс“.

Драган Спасов Дац на својот фејсбук профил напиша: „Билјана Беличанец беше мојот Петар Пан. Полетна како никој од нашата бранша, леташе високо со своите улоги и оддаваше цврстина на маж, но беше кревка, како кокиче.Замина во Недојдија…“

Сашо Тасевски нејзин колега од Драмски во болка ја опиша како многу енергична личност и посветен актер.

Во времето кога и бил претпоставен се сеќава како го замолила ако треба и во шивална да ја стави само да го дише театарскиот воздух.

Во својата богата биографија Билјана Беличанец откако дипломирала 94 година до 97 работела во Прилепскиот народен театар.

Во биографијата која ја испрати Драмски ја оценува како актерка со непроценлив талент која пожртвувано и професионално ги толкува главните улоги во пиесите и заслужено го зазема местото првенец во драмски театар.

Има играно и во два филма Мајки и Од денес до утре.

Од наградите има освоено награда Трајко Чоревски за најдобра млад актер во 96 во Прилеп, награда за најдобра млад актер има освоено и во 2000 година во Сараево, има освоено и награда за најдобро актерско остварување во 2009 во Прилеп за улогата на Кинегона, а подоцна во 2012 и за улогата на Сара во претставата Генетика на кучињата.

Беше позната и по синхорнизациите во турските серии од која незаборавна ќе остане идентификацијата на гласот на Билјана Беличанец со Хурем Султана во Величествениот која се емитуваше на програмата на Канал 5 телевизија.

Билјана Беличанец долги години беше во Канал 5, а последната синхронизација која ја работеше беше во октомври и ноември кога го позајми гласот за серијата „Мирисот на љубовта“.