По затворањето на продажните салони, избришани Фејсбук и веб-страницата на „Нефа мебел“

ИЗВОРСкопје24
|

По затворањето на продажните салони на „Нефа мебел”, денеска целосно отстранети се Фејсбук и веб страницата на компанијата која во Македонија и Србија имаше отворено неколку продажни салони ширум државата.

„Нефа мебел” е српско-руска фирма што пред неколку дена ги затвори сите продавници во Македонија и Србија. Произведувач на мебелот што се продаваше во овие салони е руската компанија „Спилит”.

Во Македонија „Нефа мебел” имаше десетина продавници во Скопје, Гостивар, Струмица, Велес, Прилеп, Битола и Тетово.

Максим Максимов, директорот на „Нефа мебел” во Србија, минатата недела ги информирал своите менаџери дека мора итно да замине во Русија заради технички преглед на автомобилот, пишуваат српските медиуми.

Мали се шансите дека купувачите ќе си го добијат платениот мебел, откако српско-руската фирма за мебел „Нефа мебел“ завчера без најава ги затвори сите продавници во Србија и Македонија. Руската компанија „Спилит“ која го призведува мебелот што го продава „Нефа“, пред два дена преку ноќ побегна од Врање и Самобор и остави долгови и 550 работници без работа во фабриката и 34-те продавници низ Србија, објавија српските медиуми.

Последната продавница во Скопје, во ГТЦ, е отворена пред точно една година, во мај лани, но од завчера сите се затворени и никој не се јавува на телефон.

„Само во Гостивар сме 160 ограбени клиенти, па ова е организиран криминал“, вели еден од купувачите во коментар на текстот за измамата на „Нефа мебел“ на фејсбук страната на САКАМДАКАЖАМ.МК. Има и коментари на измамени купувачи од Струмица и Скопје.

Во Македонија, компанијата има 3 продавници во Скопје – во Сити мол, Капитол Мол и ГТЦ, и во Велес, Гостивар, Прилеп, Битола, Тетово. Но вчера попладнето сите одеднаш затвориле, а купувачите велат дека продавачите кои биле внатре не можеле да им дадат информации како да ги добијат нарачките.

„Нефа мебел“ била привлечна со особено ниските цени на мебелот, како и дополнителните попусти кои последно биле дадени на изминатиот саем за мебел минатиот месец.

Српски „Блиц“ пишува дека во белградските продавници мебелот е веќе разграбан од вработените за кои тоа било единствениот начин да си ги надоместат неисплатените плати, а сè што има во главниот магацин го запленил сопственикот на изнајмениот простор бидејќи Русите не му платиле закуп.

Целиот текст прочитајте го на Сакам да кажам ТУКА.