Почина уште едно новороденче во битолската болница

|

Во текот на вчерашниот ден уште едно бебе починало во болницата во Битола, по изведен царски рез. Информацијата за „Слободен печат“ ја потврдила директорката на болницата Елизабета Ивановска.

Според неа станува збор за четврта бременост на млада мајка на возраст од 21 година, која до 7 месец не била во Македонија и немала контролирана бременост, а според директорката Ивановска и третото бебе на родилката починало на сличен начин.

Ќе се изврши обдукција за да се утврдат причините поради кои настапила смртта, но според информациите од Ивановска, бебето било родено мртво. Тоа било родено порсди вишок на плодова вода што е индикатор за некоја аномалија на бебето.

– Бебето е родено со цезареа, немалтретирано. Породувањето е направено поради вишок на плодова вода и извадено е бебето без знаци на живот, без срцева акција. Деведесет проценти се работи за некоја аномалија зашто на ист начин е починато и претходното бебе, изјави за „Слободен печат“ директорката на болницата во Битола Елизабета Ивановска.

Таа посочува дека родилката немала забелешки од докторката која ја породувала.

„Незадоволство немаше“, додава Ивановска.

Родилката ќе биде задржана во болница.

„Таа е добра, ќе биде во болницата, како што е според протокол“, додава Ивановска.

Ова е втор пат бебе да почине во оваа болница за краток временски период од неколку месеци. Претходната смрт на новороденчето на родилката Викторија Крстевска уште е под неразјаснети околности и се чека јавнообвинителска одлука како ќе се процесуира тој случај. Инспекцијата од Министерството за здравство во случајот со починатото бебе на Крстевска утврдила пропусти, ккао што за „Слободен печат“ тврдеше нејзиниот адвокат Јанаки Митревски. Еден од нив е неблаговременото пристапување кон царски рез.