Почна бербата на пиперката „куртовска капија“ во Кривогаштанско, една од најквалитетните во државата за ајвар во Општина Кривогаштани, во чест на една од најзначајните земјоделски култури која е во основата на стопанството, востанови и Фестивал.Производителите очекуваат откупната цена да биде од 50 до 60 денари за килограм од прва класа. Во поглед на климатските промени оваа година е намалено производството за 30-тина отсто, иако високиот квалитет е задржан.
-Познатата кривогаштанска пиперка се произведува 50-тина години, со оглед на тоа што традициите на производство на пиперки се многу постари. Се пласираше на сите пазари ширум поранешните ју-републики. Сега се стеснети пазарите, но благодарение на преработувачките капацитети што се отворија кај нас, пиперката ја произведуваме во поголеми количества и ја има. Квалитетот е убав, еве почна бербата и секој што има намера да приготвува ајвар, може да почне. Тешко е да се каже за цената, но околу 50 до 60 денари треба да биде за прва класа. Ако се намалуваат лужето се намалува и производството, објаснува производителот на пиперки од кривогаштанско, Зоран Манески.
-Кривогаштанската пиперка е многу барана и во земјава и во Европа. Квалитетна е, се произведува во еколошки чиста средина. Се произведуваат: ајвар, пинџур, малиџано… Најпозната е „капијата“, вели производителката Снежана Бојческа.
-Уште не е формирмирана цената на кривогаштанските пиперки за ајвар, но очекуваме да постигне добра цена за килограм. Производството е намалено поради временските промени. Во споредба со лани, количествата се намалени за преку 30 отсто. Освен временските услови, влијае и иселувањето на младите, зашто нема кој да работи, смета Благојче Дивјакоски, производител.
Преработувачката индустрија уверува дека пиперката и преработките од неа се извезуваат во цел свет и се меѓу најбараните. Инаку, од оваа индустрија велат дека лани од конзервираните производи од државава што се извезве, а во кои значаен дел имаат преработките од пиперката, оствариле девизен прилив од околу 80 милиони евра.
-Пиперката „куртовска капија“ што се произведува во Кривогаштанскиот регион е една од најквалитетните и најпозната не само во земјава, туку и во странство. Нашата фирма произведува ајвар исклучиво од оваа пиперка. Можам да се пофалам дека нашиот ајвар е еден од најпродаваните во Америка. Исклучиво работиме за извор. Моментално извезуваме во 15 до 20 држави во светот и секоја година тие количевства се зголемуваат. Годишно извезуваме околу 500 000 тегли, објаснува Бранко Петрески, стопанственик со фирма за преработка.
Иницијатори за воспоставување Фестивал на пиперката во Кривогаштани се: невладиното здружение „Лаг Агролидер“ од Прилеп и Општина Кривогаштани за да се нагласат традицијата и културата од Регионот.
-Одамна е промовирана идејата за општина Кривогаштани со нејзиното препознатливо производство, на пиперката. Ова е прв фестивал за време на почетокот на бербата на пиперката за ајвар и зимници. Ваква манифестација ги промовира културата и традициите на Кривогаштани, рече Марина Тошеска од невладиното здружение „Лаг Агролидер“.
-За првпат Кривогаштани организира фестивал на пиперката. Целта ни е да направиме промоција на традицијата и културата во Кривогаштани, но и промоција на агросекторот, смета Николче Мојсоски, градоначалник на Кривогаштани.