Почна пријавувањето за бескаматната кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза

|

Од денес, 11 мај, од 9 часот, почна пријавувањето за бескаматниот кредит за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза. Јавниот повик за оваа кредитна линија беше објавен на 5 мај 2022 година.

Кредитната линија е наменета за микро, мали и средни претпријатија, трговци поединци и занаетчии што плаќаат данок на реален приход и се регистрирани во Македонија. Компаниите треба да бидат во приватна сопственост и на листата на прифатливи класи на дејности за кредитирање, објавена во јавниот повик.

Минималниот износ на кредит е 185.000 денари, а максималниот износ на кредит е 3.000.000 денари. Кредитот ќе има рок на отплата од 12 и од 18 месеци, со вклучен грејс-период од 6 месеци и во двата случаја.

За корисниците на оваа кредитна линија предвидена е грант-компонента од 10 проценти за субјектите што ќе користат рок на отплата од 18 месеци, односно 20 проценти за субјектите што ќе користат рок на отплата од 12 месеци.

Поднесувањето на кредитните барања ќе се одвива по електронски пат на имеил-адресата eekriza@mbdp.com.mk почнувајќи од денес, 11.5.2022 година, од 9 часот, до 26.5.2022 година, до 9 часот.