Во досегашната работа на Управата за јавни приходи утврдено е дека одредени производи не се ставени во стапката „Г“ во која требало да бидат ставени. Кај одредени деловни единици константирано е дека тоа што значи основен производ и е во делот на одлуката на Владата, не се почитува до крај, истакна вечерва директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
Таа, во вечерашното гостување во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма, наведе дека, согласно она што го утврдиле од теренските контроли во изминатите два дена, сметаат дека во интерес на граѓаните и во интерес на она што значи зачувување на стандардот, УЈП има обврска, и професионална и морална, да постапува.
Директорката на УЈП информираше дека над 300 инспектори и контролори на УЈП во моментов се во сите придружници на КАМ маркетите, заради утврдени соодветни неправилност.
-За такви големи даночни обврзници неспорно е дека ќе мора да се почитуваат законските обврски. Добиваме и соодветни други сознанија во делот на работењето, така што сега би било најсоодветно да ја направиме онаа генерална контрола, да ги земеме сите документи кои ни се неопходни и да видиме дали ќе има разлика меѓу она што значи материјално и финансиско работење, со она што значи сметководствена евиденција, која ја има соодветниот даночен обврзник. Добиваме огромен број поплаки од потрошувачите, односно граѓаните, нагласи Лукаревска.
Таа потенцираше дека под лупа се 84 објекти на КАМ маркетите во целата држава.
Во истата емисија директорката на државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска, изјави дека досега најмногу контроли биле вршени за продажбата на маслото, лебот и брашното, артикли кај кои маржата е нула и продажната цена треба да е еднаква на набавната.
– Од почетокот на одлуката, од 1 март до денеска, имаме извршено над 600 надзори. По основ на овие надзори имаме констатирано неправилности кај 44 субјекти, по кои што изречени се прекршочни платни налози во вкупен износ од 194.060 евра. Само по однос за непочитување на одлуката за цените, изречени се платни налози во износ од 144.360 евра, 36.400 евра изречени се заради утврдено нечесно пазарно однесување и за условување при купување, наведе Симеска Димоска.
Таа појасни дека казните од 36.400 евра се за трговците кои биле констатирано дека одредени производи биле чувани во магацините а не биле ставани на рафтовите, во очекување на нови повисоки продажни цени. (МИА)