Со новото име, Република Северна Македонија, а согласно договорот од Преспа кој го потпишаа двете земји, доколку патувате во Грција ќе треба старата ознака да ја прекриете со нова налепница која ќе ја добиете од МВР, пренесува ТВ21.
Министерството за внатрешни работи има рок од 4 месеци за да изработи налепници со ознаката „NMK“ што е кратенка од (Republic of the North Macedonia) и доколку се патува во Грција ќе биде потребна оваа налепница.
Рокот за замена на таблите на дипломатско-конзуларните претставништва е три недели.
„Царинската управа да стави налепници на таблите на граничните премини, државната граница на Република Северна Македонија и на двата аеродроми во Република Северна Македонија, во рок од 3 дена;
Секторот за односи со јавност при Владата на Република Северна Македонија во рок од 7 дена да изработи Книга на графички стандарди со која ќе утврди стандарди за визуелен приказ на уставното име Република Северна Македонија во склоп со државниот грб како лого кое го користат државните институции за јавните табли на влезот од сите институции.
Генералниот секретаријат во рок од 7 дена да изготви софтвер кој ќе ги содржи сите институции од државно и локално ниво, како и димензиите на јавните табли. Промената на сите табли, на централно и локално ниво, да се заврши во рок од 4 месеци.“, се вели во соопштението Владата на Република Северна Македонија.
Издавањето на нови пасоши да започне од крајот на 2019г. Во преодниот период, Министерството за внатрешни работи при излез од или влез во Република Северна Македонија, во постојните и новоиздадените во преодниот период патни исправи ќе биде ставен печат кој ќе појасни дека патните исправи припаѓаат на Република Северна Македонија.
Уставните измени стапија во сила вечерва, а веб страницата на Владата веќе го носи новото име – Влада на Република Северна Македонија.