Продолжуваат политичките препукувања и обвинувања за тоа кој сакал да го аменстира Груевски и да го врати во Скопје. Откако од Вила Водно вчера посочија дека предлозите за помилување, претседателот Пендаровски ги добил преку посредници од политички и безбедносни структури кои се блиски до актуелната опозиција, како и од поранешни политичари, од матичната партија на Груевски денеска повторно го прозваа шефот на државата.
-Пендаровски да престане да се користи со флоскули и титули, туку јасно да излезе во јавноста кои тоа се консултирал со него за амнестија, во спротивно ќе го сметаме за уште една пласирана лага од него. За жал претседател на државата е фикус на власта и претседател лажго, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО ДПМНЕ.
Од кабинет на претседателот одговорија дека ВМРО ДПМНЕ е партијата што подржувала претседател на државата кој бил фикус на власта.
-Секогаш кога се фатени во небрано, ВМРО-ДПМНЕ наместо со факти, се служи со навреди. Македонските граѓани многу добро знаат дека единствениот претседател во историјата на Македонија кој бил „фикус на власта“ беше предложен и 10 години поддржуван од ВМРО-ДПМНЕ , стои во реакцијата од кабинетот на Пендаровски.
Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ во сите преговори кога требало да направат компромис условувале со прашањето за судските случаи.
–Ние тоа немаме прифатено и нема да прифатиме ниту во иднина. Затоа и не успеавме да се договориме со ДПМНЕ во 2020 година, затоа што доаѓаа на преговорите со судски предмети но ние не прифаќаме. Нема пазар за било каква амнестија, ниту пак со било кого пазар околу правдата и судските случаи, Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Во изјавата на Пендаровски дека бил консултиран но одбил да го помилува Груевски, лидерот на Алтернатива Гаши препозна потврда на нивните сомнежи.
-На нашето прво јавно прашање „Дали Али Ахмети ги молеше, до небо, некои од меѓународната заедница, на средба во Скопје, да дозволат амнестија за Никола Груевски?!“, одговори претседателот Стево Пендаровски. Ви благодариме Претседателе што ја потврдивте нашата информацијата! После ова се надевам дека редно е да одговори и тој на кого му е поставено прашањето!, пишува Гаши, на ФБ.
Опозициските партии на етничките Албанци повеке пати изјавуваат дека зад измените на кривичниот законик стои сценарио за амнестирање и враќање на Груевски од Будимпешта како слободен човек со цел да обезбеди поддршка за уставните измени, што претставниците од власта негираа.
Столчето на Груевски во судниците е празно веќе 5 години. Така ќе биде и утре на судењето за Титаник, за изборните нерегуларност. Од делата за кои одговара, засегнато со измените од КЗ е единствено делото злосторничко здружување кое според пресметките на невладините застарува.
Кривичниот законик со кој се намалија казните за делата за кои најчесто се гонат функционерие стапина сила во петокот но утре ќе го има првиот тест во Кривичниот суд, за да се види кои чекори ќе ги преземе обвинителството.
За утре попладне се најавува и протест пред Владата против аменстија со иземните на КЗ. Се организира на социјалните мрежи од студенти од правните факултети во Македонија.
-Доста е од користење и урнисување на правото и законите за лични, политички интереси! Бараме правдата да ги стигне сите оние кои допринеле до огромната недоверба во правниот систем, пишува во објавата.
Елена Ивановска Мукоска