Навивач на Полска, вчера додека траеше натпреварот помеѓу неговата репрезентација и македонските фудбалери во рамки на квалификациите за Европското првенство се изгубил во Дебар Маало.
Веднаш, на социјалните мрежи граѓани објавија статуси за помош. Тој немал телефон со него, а пријателите биле на стадионот, а не го знаел ниту хотелот каде е сместен. За среќа, веста се рашири бргу, па вработени во хотелот каде бил сместен го препознале, реагирале и го згрижиле.
Вчерашниот ден беше одбележан со низа инциденти токму со полските обожаватели на фудбалот. Место на градски во полициска станица, двестете полски навивачи кои беа приведени за меѓусебната те*ачка во градскиот парк, по ноќта во притвор денеска со неколку автобуси беа изведени пред судија на прекршочна постапка.
Еден по еден, го напуштаа судот откако ја добиваа судската одлука, за вчерашниот инцидент не сакаа да говорат пред камерите, но тоа не ги спречи да поздравуваат од судницата.
Од судот велат дека чекаат да ја завршат постапката за сите 223 приведени, па дури потоа ќе соопштат какви казни добиле полјаците.
Полските навивачи сега се соочуваат со опомена или парична казна до 500 евра заради вчерашните инциденти.
Од МВР велат дека инцидентот се случил непосредно пред фудбалскиот натпревар со Полска во паркот на франкофонијата, откако две групи на полски навивачи започнале да се пресметуваат.
Полицијата соопшти дека со вчерашното апсење бил спречен поголем инцидент, а заради големиот број на приведени навивачи, потребно било да се употребат и автобусите на ЈСП. Ноќта во притвор, сепак не ги спречи полјаците да споделат слика на социјалните мрежи за тоа како поминуваат во притвор. За натпреварот Македонија – Полска во земјава пристигнаа повеќе од 2.000 полски фанови.