Град со големина на голф топче паѓаше во Скопје. Олуја, силен ветер и грмотевици за само неколку минути го променија инаку топлото време денес.
Како што може да се види на социјалните мрежи, невремето ги поплави и ГТЦ како и East Gate Mall кој пред само неколку месеци беше отворен за посетители.
„Трговски поплавен, подрумот полн со вода. Се молат надлежните да интервенираат“, напишала новинарката Менче Точи на својот фејсбук и постирала слика од ГТЦ.
Веќе известивме дека има поплавени повеќе улици во градот како и заглавени возила, но невремето исто така искрши објект во кој се врши наплата на паркинг во Градска болница во Скопје.
„Вработениот едвај извадил жива глава“, напишала корисничка и постирала слика од срушениот објект.
Засега не е познато дали во времето на олујата некој бил внатре во малата кабина.
Исто така, Зелен пазар во Скопје е поплавен, па по невремето пазарџиите дојдоа да проверат што се случува со производите кои ги продаваат.
– До половина тезгата е под вода, се што е во неа веќе не е за употреба. Голема штета ни направи неврмето. Мора да се најде решение, на секој појак дожд пазарот е поплавен. Постојано трпиме штети – вели еден од пазарџиите кој проверуваше што останало здраво од робата која ја продава.
Тезгите се во вода, низ пазарот луѓето се движат со гумени чизми. Очекуваат дека вечерва ќе биде извлечена цела вода за утре да може колку толку пазарот да функционира.