Поради настанатата состојба: Рекорден пад на цените на горивата од полноќ

ИЗВОРНов лист
|

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек за 14,54% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката од 09.03.2020 година.

Нарушениот баланс на понудата и побарувачката со нафта и нафтени производи во светот поради настанатата ситуација предизвика тренд на намалување на берзанските цени на суровата нафта и на готовите нафтени производи што се одразува врз формирањето на цените и кај нас – посочи претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски.

-Во овие шеснаесет години откога Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги утврдува највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати, денешната одлука носи рекорден пад на цените на нафтените деривати. Корона вирусот ги урна берзите и се одрази со силен ефект, кој е поголем дури и од оној во есента 2008 година кога имаше нафтена криза. Сакам да потенцирам дека малопродажните цени на горивата се на најниско ниво во нашата држава во споредба со сите останати земји во регионот. Ова е уште една потврда дека РКЕ има Методологија која е ориентирана кон интересот на крајните потрошувачи, водејќи сметка и за елементите кои влегуваат во структурата на малопродажната цена на нафтените деривати, изјави Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Од 17.03.2020 година, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се намалуваат за 7,50 денари/литар и ќе изнесуваат 54,50 ден/лит за ЕУРОСУПЕР БС-95, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 56,50 ден/лит.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се намалуваат за 6,00 денари/литар и од вечерва на полноќ малопродажната цена на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 48,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 37,50 ден/лит. Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 6,961 ден/кг и ќе изнесува 21,934 ден/кг.

Во однос на препораката што РКЕ ја упати до компаниите кои што се вршители на енергетски дејности, како и на јавните претпријатија што се даватели на водни услуги, поради состојбата да се воздржат од исклучување на граѓаните од соодветните системи за снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и вода поради неплатени сметки, Регулаторна информира дека препораката наиде на позитивен одзив кај компаниите.

-Посакувам добро здравје за сите, ве уверувам дека ние како Регулаторна комисија за енергетика сме постојано во контакт со сите компании што се под наша надлежност и истите не информираат дека има сигурност и стабилност во испораката на електрична и топлинска енергија. Како и досега сме на располагање на граѓаните доколку се соочуваат со проблем во однос на снабдувањето со електрична енергија, топлинска енергија и вода, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Сите што имаат потреба да стапат во контакт со Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги можат да ја користат електронската пошта: erc@erc.org.mk, како и да ги следат известувањата и соопштенијата на нашата веб страница: www.erc.org.mk.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука неодложните работни состаноци да бидат организирани преку видео-конференциска врска; вработените се целосно достапни за потребите на граѓаните, но дел од вработените ќе работат од дома, а дел ќе бидат во седиштето на РКЕ; комуникацијата и координацијата помеѓу членовите и вработените ќе се одвива на дневна основа и ќе се преземаат потребните дејствија со цел непречено извршување на работните активности, а во согласност со развојот на состојбите.

Во исто време информираме дека странките ќе можат да доставуваат дописи до архивата на РКЕ со оставање на дописите на точно определено и назначено место на влезот во РКЕ.

РКЕ им стои на располагање на потрошувачите, како и на енергетските компании и давателите на водни услуги, и тие можат да не контактираат секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот на следните телефонски броеви и e-mail адреси.