Поскапи за 10 денари – Има ли нови цени на цигарите?

|

Поскапеа цигарите без претходн најава објавува „24 Инфо“.

Читател на порталот испратил фотографија од фискална сметка на која се гледа новата цена на цигарите „Марлборо голд“, кои ги купил во тобако во Аеродром, кои до вчера чинеа 140, денеска се продаваат по цена од 150 денари.

Информацијата за поскапувањето на цигарите ја потврдија и повеќе трговци, сопственици на трафики. Дознаваме дека се поскапени цигарите од брендовите „Пал мал“, Честерфилд“, „Ориентал“, „Марлборо“ и „Бонд“. Новите цени се повисоки за 5 до 10 денари во зависност од брендот.

Инаку, од денеска и „Макпетрол“ АД Скопје, по настапувањето на периодот во кој „Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ)“ не донесе одлука за определување на највисоките цени на одделни нафтени деривати утврдени согласно досегашната Методологија, од причина што истата престана да важи, а имајќи предвид дека РКЕ јавно се произнесе дека нема да определува највисоки цени на нафтените деривати до носењето на нова методологија, „Макпетрол“ АД Скопје пристапи кон формирање на највисоките малопродажни цени на одделни нафтени деривати кои се достапни на бензинските станици на Компанијата.

Методологијата по која „Макпетрол“ АД Скопје ги формираше новите највисоки малопродажни цена на дериватите е светски призната методологија, која во себе ги вклучува сите давачки и сите реални трошоци на компаниите.

– Како корпоративно општествено одговорна компанија, постојано работиме на тоа нашите потрошувачи навремено да бидат информирани за сите новости, како и да им овозможиме најквалитетни горива по најприфатливи цени, па така, ќе важат следниве цени на нафтените деривати:

– Ultra 95+ Economy ќе се продава по цена од 71,00 денари за литар;
– Ultra 100 Race Pro ќе се продава по цена од 73,00 денари за литар;
– Ultra Diesel Green Power ќе се продава по цена од 64,00 денари за литар;
– Ultra Diesel Bio Power се ќе се продава по цена од 65,00 денари за литар;
– Екстра лесното ќе се продава по цена од 54,00 денари за литар, информираат од Макпетрол.

– Согласно нашите пресметки, кога цените на нафтените деривати би се определувале по старата методологија, истите би биле повисоки од горенаведените цени кои се определени согласно Методологијата применета од „Макпетрол“ АД Скопје.

Имајќи го предвид горенаведеното, неосновани се покажаа стравувањата на одредени институции и поединци дека либерализацијата на цените на пазарот на нафтени деривати би предизвикало ценовни шокови, односно нивно поскапување.

„Макпетрол“ АД Скопје ќе продолжи и во иднина да работи со желба да овозможи најдобар квалитет на нафтените деривати и услугите за сите наши потрошувачи по најповолни цени, се вели во соопштението на Макпетрол.