На барање на граѓаните, на семафорите на булеварот Србија, кај Полициската станица, е поставен првиот тастер во Скопје со кој пешаците ќе можат да го активираат вклучувањето на зеленото светло и со тоа побезбедно да го поминат пешачкиот премин. Целта е да се зголеми безбедноста во сообраќајот на овој исклучително фреквентен булевар.
„На барање на граѓаните, по немилиот настан минатата година кога на овој пешачки премин загина пешак, Градот Скопје на оваа локација постави семафор за да овозможи побезбедно поминување на пешаците преку булеварот. Наидовме на разбирање кај компанијата ОКТА за да воведеме и еден поинаков систем – во моменти кога нема толку многу сообраќај на улицата да може со притискање копче да се отвори пешачкиот сигнал за да се зголеми безбедноста на пешаците при преминувањето на улицата, особено на децата од оваа околина коишто одат на училиште“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Тој потсети дека Градот Скопје на булеварот Србија годинава изгради и велосипедска патека која ги поврзува главните велосипедски рути во Аеродром со Кисела Вода и Гази Баба.