Ненадејно губење на чувството за мирис, познато како аносмија, би можело да значи дека едно лице е „скриен преносител“ на коронавирус, дури и ако нема други симптоми, известуваат британските лекари, а пренесува „Бизнис Инсајдер“.
Според податоците од Јужна Кореја, Кина и Италија, речиси третина од пациентите со Ковид-19 го пријавиле овој симптом на лекарите, се вели во студијата на оториноларинголозите. Немале други симптоми, но биле тестирани поради контакт со заразените.
Тие апелирале до надлежните да испратат порака до јавноста, односно до луѓето кои го имаат ваквиот симптом и треба итно да одат во самоизолација. Ова особено важи за младите, кои можат да бидат носители на вирусот без сериозни симптоми.
„Во Јужна Кореја, каде што се извршени тестови на поголем број испитаници, имаме 30% пациенти кои се позитивни на коронавирус, а кои имаат симптоми на губење на чувство за мирис или вкус, додека другите симптоми се благи, па дури и занемарливи“, потврдуваат Клер Хопкинс и Нирмал Кумар, лекарите кои ја напишале студијата.