Вредната виолина, стара 310 години која британскиот музичар Стивен Морис ја заборавил во воз пред речиси две недели, му е вратена под неверојатни околности.
Виолината е инаку еден од неколкуте инструменти кои ги изработил врвниот мајстор Дејвид Течлер во 1709 година.
Морис го заборавил инструментот во воз во Лондон, а потоа продолжил да патува со велосипед. Полицијата преку надзорните снимки се обидела да дојде до човекот за кој се сомневала дека ја зел виолината вредна околу 320.000 долари.
“Очаен сум што ја изгубив, не само поради нејзината вредност – таа е мојот живот”, изјавил тогаш музичарот.
Меѓутоа, набрзо добил порака на Твитер.
“Го познавам човекот од снимката, мислам дека е тоа некој кој го знам, можам да ви помогнам. Знам како е кога ќе заборавите нешто вредно во воз”, гласела пораката, а потоа се утврдило дека испраќачот е всушност личноста која го зела инструментот.
Мажот кој се претставил само како Џин, се договорил со Морис да се најде на паркингот кај железничката станица во Бекенхем.
Џин веројатно не очекувал дека ќе се најде под будното око на полицијата. Сепак, против мажот нема да биде покренато никакво обвинение бидејќи ги презел сите чекори за да ја врати виолината која му припаѓала на музичарот.
“Беше многу љубезен и се извинуваше. Тоа беше една џентлментска размена”, изјавил Морис кој во текот на својата кариера работел на музика за филмовите за Џејмс Бонд и “Господар на прстените”, а снимал и со Дејвид Боуви и Стиви Вондер.