Пратениците се вратија од одмор – Почнуваат со работа

ИЗВОРТелма
|

Едномесечниот годишен одмор не ги измени позициите на партиите во Собранието. На првата работна координација кај спикерот Талат Џафери, столчето за претставник од ВМРО ДПМНЕ остана празно. На состанокот во непотполн состав, Џафери ја посочил неопходноста веќе од утре да продолжи со работа Комисијата за избори и именувања.

Пред неколку месеци комисијата ја почна но не ја заврши процедурата за предлагање тројца уставни судии. Доколку деновиве Комисијата успее да утврди кои тројца кандидати од предложените девет се најсоодветни, изборот на судиите би бил на дневен ред на првата нова пленарна седница на 14-ти септември.

ВМРО ДПМНЕ најавува дека ќе продолжи со блокадите не само на координациите кај Џафери, туку и на сите закони кои, според нив, не им носат бенефит на граѓаните. Координаторот Никола Мицевски најавува дека ќе бараат отчет за трошоците на институциите за време на кризната состојба.

Неговиот колега Јован Митрески ја повика опозицијата да прекине со блокади, деструкции и одолговлекувања и да делува конструктивно.

Првата половина на наредниот месец е планирана за работа на комисиите на заостанатите точки. 80-тина закони и одлуки го чекаат комисискиот филтер. Една од главните причини што 30-тина седници се водат како незавршени.

Соња Николовска