Пратениците, директорите, судиите, обвинителите и сите останати избрани и именувани лица нема да бидат на минималец, односно за април ќе земат цела плата, а најверојатно и за мај, одлучи Уставниот суд.
Поточно на денешната седница Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со која се предвидуваше избраните и именувани функционери да земат минимална плата или 14.500 денари, како кризна мерка. До конечното донесување на одлуката, пак, одлучија да ја замрзнат уредбата, што значи дека априлската плата во целост ќе им легне на сметка.
На денешната седница судот одлучи да поведе постапка и за оценување на уставноста на Уредбата за исплата на платите на вработените во СЈО, како и за кратењето на додатоци и надоместоци за плата на вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба.
Во продолжение, официјалното соопштение на Уставниот суд:
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по одржаната XI седница на ден 28 април 2020 година со почеток од 9,00 часот, ја известува јавноста дека одлучи:
1. Да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.94/2020); Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.97/2020);
Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/2020); и Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.108/2020) и донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на уредбите чија уставност и законитост ја оценува, а согласно член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија;
2. Да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за буџетите за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020);
3. Да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија” број 97/2020) и Уредбата со законска сила за дoполнување на Уредбата со законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија” број 100/2020) и донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на уредбите чија уставност и законитост ја оценува, а согласно член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
4. Да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за јавнообвинителските службеници, истражителите и другите вработени во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите и за финансирање на Јавното обвинителство за гонење на кривилни дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на коминикациите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2020) и донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на уредбата чија уставност и законитост ја оценува, а согласно член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
5. Да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2020).
6. Да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.95/2020 и 97/2020).
Превземено од: Фокус