Во 2020 година да се посети Македонија, а при тоа никако да не се заобиколи Охрид. Познат француски магазин за туризам изминативе месеци ги советуваше своите читатели да ја посетата нашата земја.
Се работи за магазинот АД, посветен на декорацијата, уметноста, архитектурата и начинот на живеење, кој на своите читатели им препорачува пет дестинации за одмор во 2020 година, а меѓу нив е и Охрид. Причините поради кои АД советува да се замине на одмор во Македонија се гастрономијата, вековните традиции и природата.
Крсте Блажески од ХОТАМ вели дека сите весници, магазини кои пишуваат за Македонија, но и саемите за туризам придонесуваат Македонија да има повеќе посетители.
„Растот на туристи кој го имаме секоја година доаѓа од таму. Тоа што некој некаде ќе прочита за некојa дестинација, го тера потоа да истражува, да дознае повеќе и да ја посети земјата. Ние се бориме со многу дестинации во Европа, кои можеби не се поубави, но се посредени. Очекуваме дека 2020 ќе биде добра година на туристички план“, рече Блажески.
Тој додава дека оваа година беше една од подобрите, но со подобрување на инфраструктурата и изградба на нови капацитети, туризмот ќе доживее раст.
Но, и многу други блогери од соседството и пошироко советуваат дека Македонија е земја која треба да се посети, при што наведуваат дека атрактивни за туристите се Охрид, Битола, Кратово, Матка, Крушево. Овие текстови можат да мотивираат луѓе да ја посетат земјата.
„Влијанието на промотивниот и пропаганден дел во продажбата на туристичкиот производ или услуга е сложена активност чија цел е придобивање на поголем број на потрошувачи и зголемување на продажбата. Затоа пристапот на анализа треба да биде од два аспекти, важни во психологијата на туризмот. Од аспект на Економска пропаганда спроведена преку печатени и електронски медиуми со фактори на влијание кои се темелат на привлекување на внимание и постигнување на впечатливост на широк план со задача на информирање, целта на списанијата, магазините, порталите е постигната. Но, од аспект на промотивниот дел состојбата е посложена затоа што промоцијата е само еден сегмент од маркетинг миксот кој ги опфаќа и другите три елементи како што се производот, цената, и дистрибуцијата. Што значи за да се дојде до промотивниот дел претходно треба да се создадат услови за креирање на квалитетен и веродостоен производ кој ќе одговара на пакувањето. Најважно е после продажбата на производот или услугата таа да биде уверлива со што би ги убедила потрошувачите во нивната одлука на правилен избор“, вели Биљана Пејоска Ристеска, извршен директор на Стопанската комора за туризам на Македонија.
Стевче Доневски од Кратово, кој поседува хостел се сложува дека сите текстови кои ги доловуваат убавините на Македонија, вродуваат со плод, а кај него престојувале гости од многу земји, при што најбројни се Полјаците, Чесите и Британците.
Nationalgeographic претходно ја рангираше Македонија како 25-та од вкупно 28 држави кои треба да се посетат во 2019 година.