Според податоците од досегашните изборни процеси, неизбежен е впечатокот дека опаѓа излезноста на македонските граѓани на првиот круг од претседателските избори. „Макфакс“ ги разгледуваше податоците од изборните процеси во 2004, 2009, 2014 и во 2019 година.
Во 2004 година, кога претседателски кандидати беа Зиди Џелили, Бранко Црвенковски, Гзим Острени и Сашко Кедев, излезноста во првиот круг од изборите била 53,64 отсто.
Во 2009 година излезноста е најголема – одѕивот бил 56,88 отсто на првиот круг од изборите кога за претседателска функција се бореа Имер Селмани, Мируше Хоџа, Нано Ружин, Ѓорге Иванов, Љубе Бошкоски, Агрон Буџаку и Љубомир Данаилов Фрчкоски.
Во 2014 година излезноста паѓа на 48,86 отсто. Тогаш претседателски кандидати беа Ѓорге Иванов, Иљаз Халими, Стево Пендаровски и Зоран Поповски.
Според последните податоци од Државната изборна комисија (ДИК) на денешниот прв круг од претседателските избори излезноста на гласачите била 39,84 отсто, што е за 8 проценти помалку од последните претседателски избори.
Најголема излезеност во Конче во Струмичко-радовишкиот регион
До 18.30 часот најгoлема излезност на гласачите во Струмичко-радовишкиот регион е забележана во општина Конче со 52 отсто од запишани 2.744 избирачи.
Во Ново Село за претседателските и за предвремените избори за градоначалник од вкупно запишани 11.301, односно 11.364 гласачи, излегле над 47 проценти. Според Општинската изборна комисија постигнат е цензусот за избор на градоначалник на предвремените избори.
Во Струмица до 18.30 часот гласале 44 отсто од запишаните вкупно 49.162 избирачи, а во Радовиш гласале 34.5 или 8.315 избирачи од 24.201 запишани гласачи во избирачкит список.
Во Општина Босилово излегле 44 отсто од запишаните 12.163 гласачи, а во Василево 43 проценти од 10.036 запишани избирачи.
Според информациите од општинските изборни комисии изборниот ден поминува мирно и без проблеми.
Инаку, во шесте општини од регинот има запишано 109.670 граѓани со право на глас, кои гласаат на вкупно 192 избирачки места.