Презентирана Националната платформа за онлајн учење – ќе била лесна за користење и практична

|

Од 1 октомври започнува школската година. Овојпат наместо во училници најголемиот број на учениците ќе бидат пред своите компјутери, таблети и телефони.

Министерството за образование се одлучи за комбиниран модел на настава кој ќе опфати учење од дома. За таа цел денес беше презентирана Национална платформа за онлајн учење.

Ќе има квизови со прашања и ќе се учи интерактивно од дома. Според надлежните – платформата е лесна за користење и практична а ќе биде достапна на пет јазици: македонски, албански, турски, српски и бошњачки.

Платформата е заеднички проект на Министерството за образование и наука и Факултетот за информатичко инженерство и компјутерски технологии (ФИНКИ). Вомоментов се врши обука на наставниците, и тоа само дел – кои потоа ќе ги учат своите колеги во училиштата како да ја користат апликацијата.

Според некои проценки огромна бројка од околу 40 илјади деца во земјава немаат  електронски уред за следење на ваквиот начин на настава, што е голем проблем за реализација на наставата на ваков начин.

Онлајн наставата во целина е соочена со бројни проблеми но кризата и високата бројка на позитивни случаи ќе диктира дали учениците ќе се вратат во училишните клупи или и оние најмладите, за кои беше предвидено одење во училиште (од прво, второ и трето одделение) ќе бидат приморани да седнат пред компјутер или телефон и така да следат настава.