Пријава за кумановец – присвоил железничка пруга и железото го распродавал на фирми

|

СВР Куманово поднесе кривична пријава против В.С.(68) и Друштво за производство, сточарство, превоз, угостителство, трговија и услуги „Кожара Менд“ – експорт импорт ДООЕЛ Куманово поради постоење „тешка кражба“ и „лажно пријавување“ и против Н.И.(44), Н.З.(45), Друштво за трговија, транспорт и услуги „Еуро – Бос – Ком“ ДООЕЛ експорт-импорт Студеничани, со седиште во Студеничани и Друштво за внатрешен и надворешен промет на големо и мало „Манта Беќир” ДООЕЛ Куманово поради „прикривање“.

Според полицијата, првопријавениот, како овластено лице во „Кожара Менд“, противправно демонтирал и присвоил метални делови од котлара и мазутара од поранешната КПК Куманово, кои со план за распределба на имот на должник биле дадени на една банка и агенција за обезбедување и 215 метри железничка пруга со се прагови, кои биле државна сопственост.

Подоцна, со договор за купопродажба на отпадно железо 8 340 килограми продал на правно лице од Скопје, 22.000 килограми продал на пријавеното правно лице ДВНПГМ „Манта Беќир“ ДООЕЛ Куманово, додека 7 820 килограми продал на пријавеното правно лице „Еуро Бос –Ком“. После тоа, Н.И. и Н.З. за сметка на пријавените правни лица ДВНПГМ „Манта Беќир“ ДООЕЛ Куманово и „Еуро Бос–Ком“ ангажирале работници за сечење и демонтажа на железничката пруга и силос и котлара.

На тој начин В.С. и ДПСПУТУ „Кожара Менд“ се стекнале со противправна имотна корист од 616.800 денари. Исто така, на 01.08.2019, првопријавениот за сметка на ДПСПУТУ „Кожара Менд“ ангажирал лице за сечење и демонтажа на останатиот дел од пругата, но по пријава на агенцијата за обезбедување биле затекнати и спречени во намерата. Освен тоа што се стекнале со противправна имотна корист, В.С. и ДПСПУТУ „Кожара Менд“ причиниле штета на државниот буџет до 347.000 денари.