Министерството за надворешни работи објави оглас за вработување на 26 административни службеници во Министерството – дипломати-приправници и помошно-стручни службеници.
Јавниот оглас, покрај на интернет страната на Агенцијата за администрација е објавен и во дневните весници „Нова Македонија“, „Независен весник“ и „Лајме“ и истиот ќе трае 20 дена од денот на објавувањето.
„Како што Министерството за надворешни работи веќе објави, водејќи се од начелата на меритократија, инклузивност и транспарентност, охрабруваме пријавување на што поголем број на кандидати кои ги исполнуваат условите за вработување, со цел извршување на објективна селекција на високо перспективни кадри, кои постепено ќе ги развиваат неопходните дипломатски вештини, придонесувајќи на тој начин кон успешна афирмација на Република Македонија“ соопшти МНР.
Заинтересираните кандидати можат електронски да аплицираат на огласот ТУКА.