Прилепскиот карневал „Прочка” продолжува по две години пауза – Прилепските мечкари се нестрпливи, сакаат да продолжи традицијата

ИЗВОРНов Лист
|

На 6 март, nа Велики-Поклади, Прочка, во Прилеп ќе продефилираат карневалските маски на чело со Мечкарите, традиционалната, вековна маска, препознатлива за прилепскиот карневал.

Карневалот по 20-ти пат ќе се одржи, овој пат во помал обем, со домашни учесници, објаснува претседателот на меѓународниот карневал „Прочка”, Ванчо Георгиев.

– Имавме пауза од две години. Традицијата за „преправање”, маскирање на Прочка е перманентна. Ако и годинава не го организиравме карневалот, полека-полека ќе згаснат традициите за изработката на маски. Ние ќе се потрудиме да се одржи. Секако, не во тој обем како што беше, зашто тешко е да има гости од странство. Оваа година ќе биде, претежно, републички. Ќе имаме гости од земјава и, наши, традиционални маски. Интересно е што бројот на „мечкари” е зголемен. Ќе има поголем број мечкари, бидејќи ние успеавме годинава и лани да купиме дел од опремата. Без разлика на сѐ, тие работат. Годинава ќе настапат според програмата. Мечкарите, традиционално, го отворат Прилепскиот карневал. Има најави дека и младите ќе изработат маски. На Карневалот сакаме да имаме и вип-гости, ќе ги очекуваме, барем по два-тројца претставници. И таму, во соседните земји, ни велат, имаат проблем со потврдите за преминувањето на границите, ама ќе се надеваме, објаснува Георгиев.

– Подготовките ги почнавме пред десетина дена, штом ја слушнавме најавата дека ќе се одржува Карневалот. Се надеваме дека меркиве ќе дозволат, а најавата е дека ќе биде со домашни гости. Мораме да ја одржиме традицијата. Лани, и пред тоа, немаше. Без прилепските мечкари, Карневалот не може да се одржи. Традицијата од пред двесте години ќе ја продолжиме. Еве, поради околностите, се одложи и поканата за учество во Бугарија. Имаме уште една покана за учество на 25 февруари. Ако дозволуваат условите ќе учествуваме, ќе ја претставиме традици оналната маска на Мечкарите, вели Павлески.

Снежана Ристеска, советник за култура во прилепската локална самоуправа вели дека се предвидени сите настани и со буџет од околу 9 милиона денари, Прилеп ја донесе годишната програма за поддршката на манифестациите од културата која предвидува поддршка на бројни настани од културата.

Програмата предвидува помош на развојот на туризмот со поддршка на значајна билатерална и меѓународна поддршка, различни форуми, на обуки и семинари и креирање стратегијски документ. Се чини дека годинашнава програма за поддршка на настаните од културата, би рекле, ја почнуваме со карневалот Прочка, вели Ристеска.