Продолжува расправата за избор на нова влада, пратениците до полноќ треба да гласаат

|

Собранието на Македонија денеска, со почеток во 12 часот, треба да ја продолжи собраниската седница на која единствената точка на дневен ред е избор на нова Влада.

Мандатарот и нов лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, вчера ја претстави програмата и идниот владин кабинет кој ќе брои 21 министер. СДСМ и коалицијата ќе имаат 12 министри, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри. Расправата треба да заврши до полноќ кога треба да се гласа за избор на нова влада.

Ковачевски вчера најави дека сака за сите прашања да има дијалог со опозицијата, со интелектуалците и воопшто со јавноста, рече дека пред се, ќе се посвети на раст на економијата, а во поглед на преговорите со Бугарија нагласи дека не нема да се преговара за македонскиот идентитет и јазик.

Фокусот како што рече Ковачевски, ќе биде одржлив раст на економијата.

Тој нагласи дека не е време за нови избори зашто, бидејќи народот е уморен од изборните циклуси и бара да се работи.

Од страна на пратениците од опозициските редови, претежно од ВМРО-ДПМНЕ, беше повторен ставот дека на земјата ѝ се потребни предвремени избори со цел, земјата да може да добие стабилна и легитимна влада.

Пратениците од опозицијата сметаат дека Владата на Ковачевски, доколку биде избрана, го нема легитимитетот на народот бидејќи СДСМ загуби на локалните избори, додека легитимитетот на Ковачевски не извира од изборен процес.

Пратениците од власта пак сметаат дека новата влада ќе го задржи позитивниот курс на претходната Влада.