На еден професор му било преку глава да ги “лови” студентите кои препишуваат едни од други за време на испитите или ги одговараат прашањата со помош на телефон.
Затоа смислил генијална идеја како да ги фати измамниците, а во текот на полагањето да не ни крене глава. Од 99 студенти, на фората наседнале 14 од нив.
Студентите по инженерство претпоставувале дека нивниот професор е “стара школа”, се наведува на “Reddit”. Кога седнале да го полагаат својот последен испит во овој семестар, речиси половина од нив замолиле да одат до тоалет, што е многу повеќе од вообичаеното. Сите, секако, сакале да ги проверат одговорите на прашањата на интернет, а имале и посебен начин за тоа.
На тестот се истакнувало едно прашање кое, како што велат тие, не било многу поврзано со она што се правело на предавањата и вежбите, а се состоело од два дела. Делот А бил релативно лесен, но делот Б не бил, поради што поголемиот дел ова поле (кое носело само 5 од 100 бодови) го оставиле празно.
Целата група била убедена дека го положила испитот, но кога по пат на мејл им стигнале оцените, со нив дошло и образложение од професорот на неговата идеја како и известување дека 14 студенти ќе мора да полагаат пред дисциплинска комисија.
Работата е во тоа што многу студенти го користат сајтот наречен “Chegg” каде поставуваат одговори на испитите и домашните задачи. Тие не ни можеле да претпостават дека и нивните професори знаат за сајтот, а камоли дека на него имаат и профили.
А професорот го направил токму тоа – намерно ја составил задачата под Б така што е невозможно да се реши, но еден месец претходно направил профил на “Chegg” под лажно име, ја објавил задачата и решението и нагласил дека тоа е единственото решение за неа.
Неговото решение на прв поглед изгледало логично, додека всушност било сосема неточно, а студентите кои не се припремиле за испитот не би можеле да го препознаат тоа.
Од вкупно 99 студенти, 14 го препишале решението од сајтот. Тие не само што не положиле, туку и биле пријавени во универзитетот поради кршење на академската чест. Нивните имиња биле проследени и до другите професори за и тие да знаат кои се измамниците.