Прогласени најдобрите угостителски објекти во Скопје за 2018 година

ИЗВОРСкопје24
|

Секторот за локален економски развој на Град Скопје во соработка со Агенцијата SWOT Research, специјализирана агенција со експертско знаење и искуство во анализа на квалитетот на услугата, избраа „Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите“ во Град Скопје. Манифестацијата традиционално се оддржа по 11-ти пат.

Плакетите на најдобрите, денеска ги врачи Марко Тодоров, раководител на Секторот за локален економски развој на Град Скопје.

– Скромните признанија во форма на плакети што сега ги доделуваме, ќе се потрудиме во наредните години да прераснат во награди коишто ќе бидат синоним за квалитет на еден угостителски објект. Целта на овој проект е да се разбуди свеста кај угостителите и кај граѓаните за важноста на квалитетот на услугата во угостителската дејност, како и да се подигне општото ниво на квалитет во угостителските објекти на територијата на градот, изјави Марко Тодоров.

Тој додаде дека новитет оваа година е тоа што за првпат резултатите од истражувањето ќе бидат дискретно соопштени на сопствениците или менаџерите на угостителските објекти коишто беа предмет на истражувањето, со цел да можат и самите да направат анализа на своето работење и да ги согледаат своите силни и слаби страни.

Тодоров се заблагодари на Агенцијата “SWOT Research” за професионалната посветеност и изрази надеж за долгогодишна соработка.

Годинава преку тајни купувачи за најдобри три ресторани се оценети: 1.„Лајт џез клуб“, 2.„Стара градска куќа“ и 3.„Скопски мерак“; најдобри три гостилници се: 1. „Дневен престој“, 2. „Гостилница Градска кафеана“ и „Дебар маало“; најдобри во категоријата кафулиња се: 1.„Спик изи“, 2. „Коктел бар“ и 3. „Рок бар Круг“, а во категоријата Lounge и мезе барови: 1. „Дистрикт бар енд кичен“, 2. „Паблик рум“ и третото место го освои „Соул кичен бар“.