Промени во полагањето на државната матура

|

Директорката на ДИЦ истакна дека од професорите кои во предметните комисии ги изготвиле прашањата добиле уверување дека на државната матура нема да има прашања од материјалот што требаше да биде предаден во периодот на штрајкот во средните училишта.

Пријавени за матура во јуни се 15 899 кандидати. Учениците кои не ја положија проектната задача, за која законскиот рок беше 21 април, ќе имаат дополнителен период да ја положат до 19 мај кога, според календарот за наставни денови, завршува учебната година за матурантите.

Учениците кои завршуваат средно образование и оваа година ќе полагаат државна матура како и минатогодишната генерација, која се избори за два наместо три екстерни предмети и за скратени испитни програми.

Датумите за полагање на двата екстерни испита од учебната 2021/2022 година во јунската испитна сесија остануваат непроменети – на 4 јуни матурантите ќе бидат тестирани по мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик и литература), а на 13 јуни ќе биде тестот по математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика.